| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши увидот во избирачкиот список

На полноќ истече рокот за јавниот увид во Избирачкиот список за локалните избори 2017, закажани за 15 октомври. Увидот се вршеше во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК), како и електронски на апликацијата поставена на веб страницата на Комисијата (www.sec.mk).

Преку електронската апликација на Избирачкиот список, покрај податоците за избирачкото место на кое гласаат, граѓаните можеа да ја проверат и пристапноста на своето избирачко место. Според Роковникот на изборни дејствија на ДИК, во рок од пет дена по завршување на јавниот увид, Комисијата треба да го достави Избирачкиот список до политичките партии кои, пак, во рок од пет дена треба да ги достават своите забелешки до ДИК.

По поднесените барања, ДИК одлучува во рок од три дена, а против решението на ДИК, политичките партии може да поднесат тужба до Управниот суд во рок до 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да одлучи во рок од 24 часа од приемот на тужбата. Избирачкиот список во кој се извршени сите промени од јавниот увид, ДИК го заклучува најдоцна 14 дена по завршениот јавен увид, односно најдоцна до 24 септември. Заклучениот избирачки список ДИК го потпишува најдоцна 15 дена пред денот на одржување на изборите. Јавниот увид во Избирачкиот список почна на 21 август.

Во меѓувреме најголемите политички партии ги објавија кандидатите за градоначалници за локалните избори. Кандидатските листи за градоначалници и советници според Роковникот на ДИК треба да бидат поднесени до општинските изборни комисии најдоцна до 14 септември. Кампањата за локалните избори започнува на 25 септември и завршува на 13 октомври на полноќ.

Локалните избори ќе се спроведуваат во 80 општини и во Градот Скопје во над 3.400 избирачки места.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top