| четврток, 6 декември 2018 |

Филмската љубов на Љубиша и Мирјана Самарџиќ

Родениот скопјанец, легендарниот југословенски актер Љубиша Самарџиќ почина вчера во 81. година од животот по долга и тешка болест. За време на животот тој имаше импресивна кариера, но доживеа и тешка трагедија. По смртта на синот, од понорот го извлече неговата сакана сопруга Мирјана. Верна соработничка, партнерка и љубов на неговиот живот. Мирјана и Љубиша се сакаа повеќе од 50 години, а љубовта никогаш не престана.

Во едно интервју Љубиша го објасни тоа.

– Па зарем љубовта не е неопходна за траење? И ќе трае – изјави Самарџиќ во едно интервју за „Блиц“.

Мирјана објаснува дека била многу млада кога го запознала сопругот.

– Бев многу млада кога се запознавме. Во подоцнежните години многу е потешко еден човек да оствари посериозна врска, бидејќи разумот ги надвладува емоциите. Нашата љубов е резултат на мојата младост и неискуство. Беше откачен. Ама скроз откачен – објаснува Мирјана.

Самарџиќ, како што вели неговата Мирјана, никогаш не се променил.

– Мечтаеше за работи кои не се реални. Сакаше да сними едно капително филмско дело, а тоа подразбира огромна материјална подлога и надчовечки напор. Јас не се сомневам во неговата работа – раскажуваше Мирјана за својот Љубишта, кому соништата му го продолжуваа животот.

Мики и Љубишта беа заедно во најтешките животни ситуации, но заедно ги делеа и убавите моменти.

Љубиша ја запознал Мирјана на Блед, додека служел војска. Таа била таму на одмор, со семејството.

– Имаше 17, а јас 26 години. Кога сфатив дека пред себе имам интелигнетна жена која во мене буди љубов и страс, решив дека мора да ја освојам. Беше тешко, бидејќи таа сметаше дека глумците се боеми. Но, не се откажував. Таа внесуваше мир во мојот живот. Уште од првиот ден и се одушевував на нејзниот однос кон мене, децата, пријателите. Беше и остана горда. Молчеше и кога имавме и кога немавме. Знаеше на сите да им ја пренесе својата животна радост – говореше Љубиша за својата сопруга.

Токму таа му била најголема поддршка кога починал нивниот син Драган од леукемија на само 34 години.

– Кога знаевме дека на Драган му се ближи крајот, мислев дека и јас ќе умрам. Мирјана беше свесна дека јас паднав со моралот, изгубив волја за се… Продолжи да работиш, тоа е смислата на твоето постоење ми рече Мирјана – изјави во една прилика Самарџиќ, кој во бракот со филмската режисерка ја имаше и ќерката Јована.

Самарџиќ секогаш признавал дека Мирјана била и останала столб на семејството.

Љубиша Самарџиќ беше роден на 19. ноември 1936 година во Скопје, во семејство на рудари. Тој стана познато име во југословенското кинематографија по настапите во воените филмови во поранешната СФРЈ во кои постојано глумеше партизан и лик од народот. Талентот кој го поседуваше му овозможи големи успеси, а специфичноста го направи легенда.

На филм дебитира во 1961 а во 1967 во Венеција добива „Златен лав“ за улогата на Мали во филмот “Утро.” Играше во воени филмови, комедии и серии. Залудно е да се набројуваат сите негови улоги. Сними 98 филма. Во последните две децении се префрла во режисерски и продуцентски води.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top