Ирена Павлова де Одорико е поетеса, литературен критилар, преведувач, кант-автор, новинар. Од пред три години таа со семејството се сели во Венеција, Италија и оттогаш на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ доаѓа како учесник. Нејзиното присуство годинава го искористивме да проговориме за СВП, изскуствата од Италија, впечатоците, работата…
Годинава бевте учесник на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Какви Ви се впечатоците?
-Секогаш кога се оди на фестивал на поезија, особено на Струшките вечери на поезијата, којшто е повоекедецениски еден од најзначајните поетски фестивали во светот, првенствено се оди заради поезијата. Оваа година особено ми значи затоа што од неодамна сум дводомен автор, живеам во Италија и едноставно сум била многу пати во Струга, но овојпат е нешто сосема друго. Знаете каде и да одите го носите дамарот на земјата од која што сте дојдени, во која сте родени, коренот кој никако не можете да го откорнете и не треба да го откорнете и особено заради сите оние состојби кои се случуваа во земјата ме погодуваа.
Сметате ли дека поетскиот фестивал во Струга треба да се модернизира, да се измени програмски?
–Помладите генерации се една свежа крв, нова енергија, нов вид двигателност…Мислам дека одговорот лежи во комбинирањето на искуството, curriculum vitae на самиот Фестивал, на оние кои го организираат, и оние кои ја реализираат програмата. Бидејќи вие не може да го викнете Чарлс Симиќ или, минатогодишната лауреатка Маргарет Атвуд, и сите оние светски поетски имиња кои досега биле гости и лауреати на „Струшките вечери на поезијата“ ако го немате тој curriculum на одработени нешта во рамките на светската поетска мапа. Така што комбинацијата на искуството, знаењето, возраста и новите видици на помладите се добитната комбинација. Но, не смееме да го заборавиме поетското на „Струшките вечери на поезијата“. Ништо друго не смее да биде помоќно од тоа. Ниту една критика. Оти тоа е можеби вистинскиот одговор да се истрае. Ако се држиме до тоа да се дојде на Струшките вечери за да се слушне поезија, да се каже поезија, да се создадат контакти, да се искомуницира со луѓе од различни меридијани, тоа е одговорот на се. И тука е моќта на речта.
„Струшките вечери на поезијата“ како фестивал и како програма им претставуваат модел според кој се организираат бројни фестивали во светот. Дали сте учествувале на некој друг поетски фестивал во странство, во Италија можеби и како се организираат фестивалите таму?
-Досега учествував на еден фестивал во Италија и впечатокот ми е дека останатите поетски фестивали кои се одржуваат во светот се фестивали од помал ранг. Да речеме не само во смисла на квантитативност, туку и во смисла на харизма на местото. Значи овде во Струга нешто се случува секоја година. Тие денови и тие вечери имаат нешто многу карактеристично. Мислам дека тоа е одраз на самата земја, кој што многумина од нас не го гледаат со огледа на сите ситуации кои ги живеат секојдневно, меѓутоа јас пак од дистанца ги гледам појасно. И мојот сопруг кој 13 години живееше во Македонија, вели „Златна Македонија. Таа е света земја“. На пример, посетата на Свети Наум-тоа место е поетизирано, а и самите поети велат дека седат на скалилата до него како еден ултимативен процес кои го соопштуваат божественото битие и интелегенција, тоа сето го прави магичен тој чин, тие денови.
Од неодамна живеете во Венеција, Италија. Тоа е земја на уметноста, музиката, поезијата…Како се снајдовте, објавивте ли некое свое дело на италијански?
-Многу беше интересно. Кога пребивате во една друга култура која не е ваша, круцијален момент е прво да се прилагодите како туѓа билка од туѓо поднебје, дури и во физичка смисла. Замислете некоја ендемична билка ја ностие таму а тоа е влажна земја со морска клима…Сето тоа е еден процен кој ви не можете одеднаш, а и не треба да го прескокнувате. Морам да признам дека бев загрижена во смисла дека не размислувам на италијански како ќе творам. Јас го говорам и читам , преведувам на италијански, но творењето е нешто друго. Прво си реков добро ќе напишам книга на македонски, па ќе ја преведам на италијански. Но, тоа не е возможно. Еднаш мојот сопруг ме поведе на свирка со една негова група и јас додека седев почувствував импулс и почнав да пишувам на хартијата пред мене. Ова беше како еден двобој со белата хартија, но не двобој со културата. Кога го фатив пенкалото, стиховите почнаа да течат и си помислив: Ова не е возможно! Како функционира ова? Каков е овој вез? И за чудо следниот ден мојот сопруг го исчитува напишаното како еден вид прв филтер и ми рече дека немам грешки, освен некои технички грешки кои ги правиме при пишување. И тоа за мене беше огромна сатисфакција, но и освојување истовремено на јазикот и дијалог со него. Сега таа книга ќе се печати, преговарам со еден издавач.
Вашиот сопруг е музичар, а еден период и вие имавте музичка кариера. Кажете ни нешто повеќе за музиката во Вашиот живот?
–Јас во 1993, 1994 и 1995 година бев кант-автор и пеев кабаретска музика, со моја музика и мои текстови. Ги аранжираа Велко Тодевски и Живоин Глишиќ. Имам седум снимки во фонотеката на Македонската телевизија. Тоа беа навистина чудесни години. Пред наездата на турбо фолкот. Во тој период направив сценарио насловено „Некои тоа го сакаат реш“-пародија на „Некои тоа го сакаат жешко“. Сценографијата беше на Миро Масин, сонговите ги пееја Олгица Христовска и Тања Кочовска, но не успеавме од финансиски причин да ја реализираме. Ние тогаш живеевме на уметнички вибрации. Работевме за елементарни хонорари, сето беше повеќе дружење…Потоа заминав во Виена, каде бев гостинка на еден австриски поет и неговата сопруга. Се запознав со Виена која целосно е отворена за другите култури. Таа 1994 година во фокусот беше бразилската култура и таму запознав еден човек, живеев со него и ме однесе во еден џез клуб каде настапував. Потоа се вратив во Македонија, ја напуштив музиката, се посветив на пишување, на творештво. Работев како новинар во Македонското радио, Македонската телевизија, Младински канал, во „Лик“-додатокот на „Нова Македонија“, во „Пулс“ и потоа 15 години во телевизија „Телма“.
Најавивте почеток на заедничка музичка соработа со Вашиот сопруг. Почнавте ли со настапи?
– Долго време размислував да соработуваме нешто заедно со мојот сопруг Марко. Му предложив тоа да биде можеби поетски театар, но тој секога ме одбиваше шегувајќи се дека сум писател, новинар, литературен критичар, па сега и ова ќе биде премногу. Но, еве конечно се вклопи таа сложувалка на животот и сега имаме проект и репертоар кој го знаат поголемиот број луѓе, но одамна не се пееле. Настапуваме како дует на концертен подиум и приемот е одличен. Италија е лулката на канцоната, не само на уметноста и литературата и тие високо ја ценат уметноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.