| четврток, 6 декември 2018 |

Гореа два хектари бор во Крива Паланка: Шест часа се гаснел пожарот

Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка речиси шест часа го гаснеле пожарот кој избувнал вчера во селотo Градец. Гореле борови дрвја, а опожарена е вкупна површина од два хектари.

На интервенцијата учествувале петмина пожарникари со две противпожарни возила, едно лице од Јавно претпријатие „Македонски шуми“, Подрачно шумско стопанство „Осогово“ и десетина локални жители.

Според Иле Коцевски, командир на ТППЕ Крива Паланка, дојавата е примена во 15:25, а пожарот кој според кажувањата настанал околу 15:20 часот, многу брзо се проширил поради горливиот материјал, но и силниот ветар.

– Теренот беше непристапен, во Мезовски ливади м.в. Настаечки рид. Пожарот е локализиран околу 18 часот, а целосно е ликвидиран дури во 19:15, бидејќи силниот ветар предизвикуваше постојано разгорување на сувата материја, изјави Коцевски.

Ова е прв пожар од почетотот на месецот на подрачјето на општина Крива Паланка, додека, според Коцевски, во август имало пожари речиси секој ден. ТППЕ Крива Паланка изминатиот месец бележи вкупно 27 интервенции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top