Причината за пожарот кој пред неколку дена му уништил се што има на семејството Младеновиќ од Краљево, бил неисправен полнач за мобилен телефон кој бил оставен на штекер. Откако полначот експлодирал, се запалиле тепихот и завесата во детската соба, па бргу се зафатил целиот стан.
Еден сосема обичен ден за Иван, Снежана и нивната ќерка Јасмина се претворил во пекол. Додека тие ги ределе дрвата за зимово во подрумот на зградата, станот цел им се кренал во пламен.
– Нашата роднина која живее во истата зграда со нас брзо реагираше и викна дека нешто пукнало. Тргнав накај станот, веднаш намирисав дим и низ дневната истрчав во собата на ќерка ми. Кога ја отворив вратата пожарот ја имаше зафатено цела соба, раскажал Иван кој бил сигурен дека електричната инсталација му била добра.
Екипата новинари ја затекнале неговата сопруга како претура по пеплосаниот стан, а таа од целиот шок не била во состојба ништо да им каже. Тие сега се без кров над глава, а што е уште полошо, никој од нив не е вработен. Иван неодамна добил отказ, сопругата Снежана била домакинка веќе 20 години, а ќерката неодамна завршила факултет.
– Се ни изгоре, немаме ниту долен веш. Едвај го закрпивме станот од земјотресот пред неколку години, сега ова. Не знам како воопшто ќе почнеме да реновираме, ја споделил Иван својата мака.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.