| четврток, 6 декември 2018 |

АКТО ќе го ревитализира Офицерскиот дом во Битола

Во фокусот на 12. издание на фестивалот за современи уметности АКТО кој утре и в сабота ќе се одржува во Битола е иницијативата за ревитализирање на еден од најзначајните културни споменици во градот – Офицерскиот дом.

На денешната прес-конференција во Битола, организаторите, исто така најавија дека в сабота ќе организираат јавната дебата, под мотото „Каков Офицерски дом ни треба?“.

– Овој културен белег на градот со вековна традиција, долго време е оставен на немилоста на времето, затворен за граѓаните и без соодветен третман од надлежните институции. Токму затоа, акцентот на активностите на фестивалот АКТО ќе биде ставен врз реактуелизирање на темата за потребата од заживување на Офицерскиот дом во Битола и негово враќање во функција на културата и граѓаните, посочија организаторите на АКТО.

Покрај дебатата за Офицерскиот дом, фестивалот за современи уметности АКТО ќе понуди разновидна програма која вклучува многу изложби, работилници за музичари, програма за деца, перформанси,  концерти и DJ настапи, кои ќе се одржат на неколку локации во Битола и тоа  во дворот на Офицерскиот дом, во мезе – бар „Јагода“, Магаза, Задруга Артикултура и кафе бар „Радост.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top