| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на романот „Јужњаци, марш!“ од Горан Војновиќ

Издавачката куќа „Готен“ од Скопје в петок, на први септември, во 21 часот, во „Ла Кања“ (во Старата скопска чаршија) ќе го промовира романот „Јужњаци, марш!“ од Горан Војновиќ. Промотор на изданието ќе биде новинарот Ѕвездан Георгиевски, а преводот и промоцијата на книгата се поддржани од програмата Креативна Европа на Европската унија.

Романот „Јужњаци, марш!“ функционира како некоја енциклопедија на културите од поранешна Југославија, место каде што се мешаат вкусовите на сарма и традиционалната балканска музика, каде што становите се пренаселени и низ тенките ѕидови продираат разните јужњачки акценти и караници, особено кога се игра маалски фудбал.

Љубљанското гето Фужине се открива преку живописниот сленг, кој авторот го користи за да ја опише адолесцентската младост на Марко и проблемите што тој ги има со своето потекло, со идентитетот, со родителите, со предрасудите и стереотипите.

Животите на различните жители на Фужине се раскажуваат со живописниот јазик на Марко полн со горчливо-слатки хуморни сегменти. Ова е една елегантна приказна, уникатна во Словенија по третманот на нејзината разновидност.

Романот на Војновиќ „Југославија, моја дежела“, кој го издаде „Или-или“ лани исто така беше промовиран во Скопје.

Војновиќ (1980г., Љубљана) е словенечки режисер, писател и колумнист. Автор е на романите: „Јужњаци, надвор!“ (2008г.) и „Југославија, моја дежела“ (2012г.), за кои ја добива престижната „Кресникова награда“, а годинава е актуелен со новиот роман насловен „Смоква“ (2016г.). Според романот „Југославија, моја дежела“ е поставена и истоимената претстава во изведба на Словенско младинско гледалишче.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top