Сонуваме сите 27 години и денеска конечно сме исправени да го оствариме нашиот сон, да обезбедиме европска иднина за нашите деца и генерациите после нас. НАТО и ЕУ не поврзува сите, затоа оваа аспирација конечно имаме шанса да ја зграпчиме и бидеме горди оти сме успеале, порача премиерот Зоран Заев на граѓанскиот собир пред седиштето на Делегацијата на ЕУ, во организација на Коалицијата Заедно за европска Македонија.
Илјадниците граѓани, рече Заев, денеска излегле да испратат сериозна порака во вистинско време, порака дека сакаме иднина, дека сакаме европска Македонија!
– Ова е одговорност на нашата генерација. Од нас зависи иднината на нашата Македонија, на нашите деца, Никој друг за нас не може да ја донесе оваа одлука. Јас знам дека нашиот мултиетнички народ е исправен сериозно пред крупна одлука и ќе се носи со сериозноста на одлуката. Ќе обезбедиме иднина на нашите деца. Ќе обезбедиме иднина на Македонија, порача Заев.
Патриотизам е да си ја зачуваме иднината на нашата татковина, НАТО и ЕУ се единствениот пат и нема алтернатива.
– Поучени од овие 27 години донесовме одлука храбро. Пред се и пред нашите политички партии ја ставивме Македонија. Склучивме договор и стекнавме пријател. Сите мора да знаеме дека договорот е фер и праведен. И двете страни подеднакво добиваат. Ве уверуваме дека со Договорот двете страни добија и овој договор обезбедува перспектива, пријатлество, развој и европска иднина – рече Заев.
Не само што успеавме да го заштитиме нашиот идентитет и јазик, туку, нагласи Заев, успеваме и да го потврдиме и зајакнеме.
– Грција го призна и прифати нашиот македонски идентитет и јазик. Најдовме формула како да се признаеме на темелите на минатото да градиме иднина. Испишавме европска историја. Да бидете горди, оти имаме најдобар договор, што ги исполни вековните аспирации на нашите дедовци и прадедовци – истакна Заев.
Конечно, порача Заев, добивме држава признаена од сите и од целиот свет, каде живее доминантно македонски народ, признаен од целиот свет, што зборува македонски јазик, призанен од целиот свет.
– Да му покажеме на светот дека го почитуваме пријателството и подадената рака. Дојдоа пријатели од целиот свет и ни кажаа јасно, ве чека НАТО и ЕУ, Ви нудиме пријателство. Дојдоа да ни понудат иднина и перспективи. Ние сме тие што треба да им одговориме. Клучот од портите од ЕУ се во наши раце, ние сме архитекти на нашата иднина. Нашето место е внатре, интегрирани со европскиот свет. Сите ние ја носиме одлуката за интегрирање во НАТО и ЕУ – додаде Заев.
Ги повика сите неопределени и им порача дека не постои резервна варијанта и оти само преку референдум и одлука на граѓаните ќе имаме европска иднина.
– Дома не се седи, не се бараат изговори, затоа што се работи за идинаната. Ова е обврска и право на секој граѓанин. Наша одговорност пред нашата татковина. Ова е наша и граѓанска и родителска одговорност за иднината на нашата европска Македонија, истакна Заев.
Нагласи дека ова не е за Заев и за Мицкоски и за ниту една политичка партија, и повика заедно сите да застанеме зад ова прашање за да обезбедиме иднина за Македонија.
– 30 септември е ден за избор. Ден за акција. Не е ден за седење дома. 30 септември е ден за испишување историја, за европска Македонија. Излези за европска Македонија, порача Заев.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, ги повика сите на 30-ти септември да им подариме на генерациите по нас достоинствена татковина, татковина која нема проблем ниту со историјата, ниту со географијата, татковина која е заедничка и рамноправна за сите.
– Мојот избор одамна е, гласам ЗА европска Македонија за држава во која ќе можеме Европски да живееме, а не да тежнееме да одиме во Европа, рече Џафери.
Ако во оваа наша заедничка држава, продолжи тој, уште од независноста, во различни периоди имало прашања што не делеле или пак сме имале различни ставови, членството во НАТО и ЕУ, ќе биде кохезијата, не само меѓуетничката туку и меѓупартиската, меѓуопштествената и меѓуверската кохезија за заедничка перспектива.
– Нашата земја заслужува да ги доживее ефектите што ги носи евроинтеграцискиот процес, додека сите ние заедно, заслужуваме да бидеме сопатници во овој процес. Бројни се причините што ме тераат да мислам вака, но ќе спомнам само три од нив: Прво – само во држава што е членка на ЕУ и НАТО се негуваат цивилизациските вредности на културниот, етничкиот и верскиот соживот. Второ – само во држава што е членка на ЕУ и НАТО, никој не смее да го оспори етничкиот, јазичниот и верскиот идентитет. Трето – само во држава што е членка на ЕУ и НАТО, сите тешкотии се надминуваат преку колективната солидарност, рече Џафери.
Длабоко сум убеден, нагласи Џафери, дека ние ќе бидеме уште посреќни по 30-ти септември, а часовникот на историјата ќе тропне и на совеста на оние што без некоја рационална причина се двоумат да кажат Да на евроинтеграциските процеси на земјата.
Маршот за европска Македонија, почна од пред зградата на Црвениот крст во Скопје, а заврши пред зградата на Делегацијата на ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.