| четврток, 6 декември 2018 |

Еве кои возила се ослободени од плаќање патарини во Македонија

Прибирањето на надоместокот за користење на патот во Република Македонија се врши преку отворен систем за наплата составен од 10 наплатни станици.

Согласно Законот за јавните патишта наплатата на надоместокот (патарината) за користење на патот го врши Јавното претпријатие за државни патишта, при што задолжително на корисникот му издава билет за патарина – фискална сметка која корисникот е должен да ја чува во возилото за цело време на движење на патот како доказ за наплатена патарина и да ја покаже на овластено службено лице, определено со закон.

Плаќањето на надоместокот за користење на пат (патарина) е задолжителна за сите корисници на патот, негов дел или објект на патот.

Согласно Законот за Регистрирање на готовински плаќања, задолжително е издавање на фискална сметка при готовински плаќања за извршениот промет, односно услуга.

Глоба во износ од 100 до 300 евра во денарска против вредност ќе му се изрече за прекршок ако  корисникот на патот, билетот за патарина – фискалната сметка или билетот за наплата на патарина со претплата не ја чува во возилото за цело време на движењето на патот или не ја покаже на овластени лица определени со закон.

Според  Законот некои возила се ослободуваат од плаќање патарина и тоа:

-Возила со полициска придружба

-Видливо означени возила на Армијата на Република Македонија, полицијата, Царинската управа, Агенцијата, итната медицинска помош, Црвениот крст на Република Македонија, противпожарните служби, Државен инспекторат за транспорт, Дирекцијата за заштита и спасување, Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта “Македонија пат“ – Скопје и погребалните возила;

-Возилата на лица заболени од дистрофија, мултиплекс склероза, церебрална парализа, параплегија, хемиплегија, квадриплемија, детска парализа (полиомиелитис), слепите лица со оштетување на видот над 90%, лица на дијализа и лица со ампутација на рака или нога со признато телесно оштетување над 80%, утврдено со акт на надлежната комисија во Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top