Постојат многу причини зошто треба да го посетите Израел. Во зависност од интересите, можете да посетите некои поважни религиозни места како Назарет, да прошетате по долгите песочни плажи или да уживате во магијата на Тел Авив.
Сепак, можете да правите и нешто сосема друго: да пукате од модерно оружје и да вежбате борачки вештини со израелски воени ветерани.
Последната опција стана необичен дел од некои прошетки низ оваа света земја, а тоа е така благодарение на академијата „Калибер 3“ која се опишува себеси како водечка противтерористичка и безбедносна агенција во Израел.
Академијата ја основал уште во далечната 2003 година полковник Шарон Гат и на туристите им нуди разни пакети, како безбедносни решенија, заштита при поголема опасност, разузнавачки операции и други работи наменети за клиентите од целиот свет.
Посетителите можат да се пријават на курсеви, вклучувајќи и двочасовна стрелачка авантура, каде што може да научат да пукаат од разни пушки, вклучувајќи и снајпер. Тука е и програмата за снаоѓање и преживување во природа во која туристите два дена тренираат во тешки услови за да ги унапредат своите вештини.
Сепак, работите не одат секогаш мазно, со оглед на тоа дека палестинските заедници се сместени во близина на местото каде што се наоѓа „Калибер 3“, а академијата ја обвинуваат за промовирање насилство и за правење профит на израелско-палестинскиот судир. На ваквите обвинувања од академијата велат дека едноставно нудат вредна услуга во тешки времиња.
Инаку, годишно оваа академија ја посетуваат 25.000 туристи, од кои повеќето се Американци.
извор:макфакс
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.