| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: СДСМ намерно ја блокира работата на автопатот Кичево-Охрид

СДСМ со неговото доаѓање закочи буквално сè. За некои работи објави дека целосно ги откажува и нема да ги прави, како училиштето во Визбегово каде што со ребалансот ги скрати средствата за градба, за Драмскиот театар ги скратија сретствата, за театарот во Охрид, Универзалната сала, а некои проекти, пак, ги запре на одреден период измислувајќи дека има некакви пропусти, грешки во проектот, па сега тие како да треба да ги поправат, обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Тој денес беше во Охридско и одговараше на новинарско прашање за стопираната градба на автопатот Кичево-Охрид од страна на СДСМ.

„Целата борба е да се покаже дека и тие со нешто учествуваат во овој проект, проект што го обезбеди поранешната влада обезбедувајќи 374 милиони евра за изградба на автопат помеѓу Кичево и Охрид од кој половина и се заврши во времето на нашиот мандат. Само што дојде новата Влада, го запре. Пред тоа го работеа 1.200 работници, имаше 500 машини на терен и одеднаш кога дојдоа првиот ден викаат дека имало проблеми и грешки и го запреа. Сега со месеци ќе чекаме нешто тие да исправат, а нема ни потреба да се запираат работите. Кога се гради автопат секогаш искрснуваат некои проблеми кои се решаваат додека се гради автопатот. Новата Влада за да покаже дека таа нешто крупно завршила, дека исправила бидејќи досега нема никакво учество во правење на автопат, го  запре работењето, го сведе на минимум. Од 1.200 работници го сведе на десетина работници. На терен нема 500 машини туку и тоа е сведено на 10 машини. Работите се забавени и запрени и ќе чекаме некое време кога ќе објават дека наводно ги разрешиле проблемите кои всушност и не се такви проблеми. Тоа е стилот на работа на СДСМ. Сè што можеа да запрат како капитални проекти од ВМРО-ДПМНЕ ги запреа, а тоа што ептен е отидено во напредна фаза и немаат лице пред луѓето да го запрат, сериозно го забавија за да изгледа дека се дел од тој процес“, вели Груевски.

Тој додава дека е жалосно што СДСМ го прави ова бидејќи тој што губи на крајот е народот.

извор:Макфакс

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top