| четврток, 6 декември 2018 |

Никој не бил на гости кај Ангела Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел, која својот приватен живот мошне успешно го држи под контрола, како пред така и по изборите, секогаш го буди интересот на јавноста.
Германскиот месечник „Вју“ пренесува дека „дури ни министерот за финансии Волфганг Шојбле не знае во кој стан живее“ и дека на вратата од станот на четврти кат, на улицата Купферграбен бр. 6, во берлинскиот Остров на музеите, пишува „професор Зауер“ и не се знае ништо друго за изнајмениот стан во кој живеат Меркел и нејзиниот сопруг, кој е професор по квантна хемија.

Месечникот „Вју“ наведува дека „станот би требало да изгледа студентски, но нејзините блиски соработници, како Шојбле и владиниот портпарол Штефан Зиберт никогаш не биле таму“. Исто така списанието пренесува дека таква шанса имала оперската дива Ана Нетребко, затоа што Меркел обожава оперска музика.

Неколку места на кои може да се одмора, за неа се свети. Така, секогаш кога може викендите ги поминува во својата викендичка во Хоенвалд, кај Укермарк, кој се наоѓа на 20 километри источно од Темплин.

Месечникот „Вју“ пишува дека „таа тука ги полни батериите, гласно слуша класична музика, со задоволство поминува време во кујната и готви чорба од градинарски компир; ретко пречекува гости; оној што ќе посака да ја слика нејзината куќа, бранденбуршката полиција љубезно, но одлучно го замолува веднаш да ја избрише фотографијата“.

Кога станува збор за местата каде што излегува, таа наводно ужива во еден берлински ресторан чиј сопственик е Грк, додека готвачот е Италијанец, а амбиентот е во стилот на париските бистроа. Тука Меркел со задоволство нарачува „кефтедес“, грчко ќофте од мелено месо.

Меркел не прифаќа никакви бонуси и луксузи и дека инсистира сѐ да плати од свој џеб, па дури и едно еспресо. Кога станува збор за одморите на Меркел, таа е позната по тоа што се одмора на ист начин како и милиони Германци, не оди на скапите јахти на богатите кои со задоволство би ја пречекале, ниту, пак, во ексклузивни вили, а еден дел од тајната на нејзиниот успех, како што сметаат експертите за маркетинг, е всушност љубопитноста на луѓето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top