| четврток, 6 декември 2018 |

„Требаше ли Оливер Стоун да ви каже дека филмот е добар за да дојдете да го гледате?“

Со бурен аплауз беше поздравена и втората проекција на долгометражниот документарен филм „Со љубов“ снимен по сценарио и во продукција на Атанас Георгиев, а во режија на Илија Цветковски, синоќа на осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ кој завршува денеска во Куршулми-ан. Од денеска филмот е на редовен репертоар во скопското кино „Синаплекс“, на 31 август ќе биде прикажан во Центарот за култура во Битола, а на втори септември ќе биде прикажан во Неготино.

Филмот „Со љубов“ е навистина правен со многу љубов. Филмот ја разкажува приказната за Дионис, наставник по биологија пред пензионирање, кој има пасија и сон. Наместо жена му, навечер друштво му прават над сто стари автомобили. Динис има само една желба – да направи Музеј на одлтајмери каде што ќе бидат изложени сите негови љубови – автомобили, мотори, велосипеди, стари радио-апарати. Во неговата колекција има и булдожер и едрилици. А неговата страст ја плаќа неговата сопруга Гоца, мајстор за торти. Тој секојдневно е во потрага по „нови“ примероци за својата колекција кои за многумина се куп ѓубре што треба да заврши во отпад, а за него културно наследство кое треба да се чува и негува. Со голема љубов тој ги одржува во живот овие олдтајмери и можеби само неговата сопруга е свесна за пасијата и љубовта на Диноис. Сите други во Неготино на таа пасија на Динис гледаат со потсмев. Посебно впечатлива е сцената снимана на неговиот последен работен ден како професор во гимназијата во Неготино. Тој заминува во пензија, а матурантите успеваат да соберат пари и да му купат „буба“ која тој ја нема во својата колекција.

– Вложивме многу љубов во снимањето на документарниот филм ’Со љубов‘ и би сакале таа љубов да биде препознаена и на филмското платно – изјави режисерот Илија Цветковски по проекцијата.

Според него, најмногу инспирира балансот што Дионис успеал да го направи во својот живот – да се радува на малите работи, а да не биде опседнат со материјалното, бидејќи за да ги купи сите тие стари автомобили му биле потребни пари.

– Мислам дека направивме убава животна филмска приказна – додаде Цветковски.

Цветковски е поранешен ученик на професорот Дионис од неготинската гимназија и оттаму е и идејата за снимањето на докуменарниот филм.

Атанас Георгиев заедно со Цветковски синоќа по прикажување на филмот одговараа на прашања од публиката.

Непосредно пред македонската премиера на филмот, во јавноста се појави вест дека легендарниот Стивен Спилберг сметал оти дека македонскиот документарен филм „Со љубов“ е најдобриот документарец што го видел во последните години и заслужува да освои „Оскар“. Имаше и шпекувалција дека и Оливер Стоун ќе дојде во Скопје.

– Требаше ли Оливер Стоун да ви каже дека филмот е добар за да дојдете да го гледате? – ги праша Георгиев присутните на проекцијата.

Тој ја објасни целата „приказна“ околу веста за Стоун и Спилберг.

– Кога филмот беше одбран да учестува на филмскиот фестивал за документарци, ниту еден медиум тоа не го забележа, односно не беше објавено во јавноста. По „веста“ за Спилберг и неговото мислење за ’Со љубов’ ние имавме 400 илјади прегледи на „јутјуб“ за два дена. Светот е на раб на нуклеарна војна поради лажни вести – рече Георгиев.

Филмот „Со љубов“ поттикна навистина силни емоции кај публиката.

Дионис своето автомобилско наследство ќе го остави во посед на своите три сина, со надеж дека некогаш ќе успеат да направат вистински Музеј на стари автомобили во нивниот град.

фото: МакеДокс

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top