| четврток, 6 декември 2018 |

Мите Стефоски, директор на СВП: Не помалку од мечот освоил зборот

Со антологиската „Т’ га за југ“ интерпретирана на македонски и англиски јазик и со спектакулерен огномет, синоќа во струга беа отворени 56. Струшчи вечери на поезијата.

– Не помалку од мечот освоил зборот. И тие војни понекогаш се и пострашни и посвирепи од оние другите. Не еднаш сме рекле дека поезијата е чувар на малите јазици. Зашто јазикот се сака со творештво. А тоа творештво постојано ги испитува моќите и можностите на јазикот. Она заради што постојат поетските фестивали и што ја дава нивната смисла е да се слави умеењето со јазикот да се создаде нешто што не постоело претходно. Поетското творештво е скулптурирање на светот со жив јазик – рече Мите Стефоски, директор на Струшките вечери на поезијата, поздравувајќи ги поетите и вљубениците во поетска реч.

Не еднаш сме рекле дека поезијата е чувар на малите јазици – Мите Стефоски

Најавувајќи ја поддршката што Министерството за култура и во иднина ќе ја дава на фестивалот од кој се очекува и понатаму да биде предводник во светот и да го покажува најдоброто од домашното и меѓународното поетско творештво, министерот за култура Роберт Алаѓозовски подвлече:

– Децении наназад овој фестивал кој се одржува во градот на Миладиновци претставува собир на најдоброто од светската поезија, место за размена на искуства, идеи и визии, кои ја движат културата напред, не само нејзините хоризонти, туку и видиците на нашите општества и нашата цивилизација воопшто – рече Алаѓозовски прогласувајќи го фестивалот за отворен.

Воодушевувањето од чинот на отворањето и од фестивалот не го криеше ниту годинашниот лауреат Чарлс Симиќ кој на традиционалното меѓународно поетско читање настапи заедно со 27 поети од странство.

Денеска, 24 август, според програмата на СВП е планирано портрет на Иван Џепароски, минатогодишен добитник на наградта „Браќа Миладиновци“, поетско читање на поетите од потесниот избор за годинашен добитник на наградата, портрет на Горан Чолакхоџиќ, добитник на наградата „Мостови на Струга“ на СВП и УНЕСКО и сипозиум „Изгубено/најдено во преводот“.

За попладневните часови се планирани претставување на програмата Креативна Европа и платформата ВЕРСОПОЛИС, вечер на македонска поезија и вечер со досегашните добитници на наградата „Браќа Миладиновци“ по повод 55 годишниот јубилеј.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top