Српската актерка Катарина Радивојевиќ, на публиката позната по улогата на Зоне во филмот „Зона Замфирова“ прв пат јавно призна дека ја напуштила Србија и се отселила во САД поради љубовна романса со американската супер ѕвезда со порториканско потекло Бенисио дел Торо, а набргу на врската ставила крај кога сфатила дека не може да го оствари својот сон за создавање нормално и здраво семејство, објавува „Глорија.рс“.
Седум години откако во врвот на кариерата ја напушти Србија и замина во Америка, 38-годишната Катарина Радивојевиќ прв пат јавно открива дека тоа го направила исклучиво поради голема романса со познатиот холивудски актер, 50-годишниот Дел Торо.
Иако уште во 2011 година можеа да се чујат гласини по театарските кулоари и на филмските сетови дека српската убавица е во страствена врска со Порториканецот, зад кој стојат педесетина улоги во големи кинематографски остварувања, како што се „21 грам“ и „Син сити“, Катарина никогаш не говореше за својот приватен живот.
Се до сега, кога за „Глорија“ потврди дека Бенисио бил причината поради која ја напуштила Србија.
– Во моментот кога одлучив да одам, веќе две години во Хрватска ја снимав серијата „Најдобри години“. Ми беа отворени сите врати, добив понуди од цела поранешна Југославија, од Русија, од Бродвеј. Мојот живот во тој момент личеше на бајка, но наспроти тоа се прашував – што понатака. Враќањето во Белград не ме задоволуваше и почнав да размислувам за тоа да се „одметнам“ во Америка, раскажува Катарина.
Отворајќи си ја душата за оскаровецот Бенисио дел Торо, таа раскажала дека нивната љубов завршила зашто таа не сакала да прави компромиси.
– Моето правило гласи сета своја интима да ја чувам за себе и тоа ќе биде така. Во прашање е голема љубов од моја страна, но јас во љубовта секогаш давам се од себе, објаснува актерката.
Таа додава дека и денес сонува да има нормално, здраво семејство.
– Кога сфатив дека тоа не е возможно, продолжив понатаму, открива Катарина како завршила романсата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.