| четврток, 6 декември 2018 |

Обновено: Најмалку 27 повредени во несреќата кај Велес, еден пациент во шок соба во Скопје

Најмалку 27 лица се повредени, од кои двајца потешко, откако вечерва автобус со патници излета од коловозт на автопатот Велес­- Скопје. Повеќе екипи на Брза помош ги извлекуваа повредените и ги пренесуваа во најблиските болници.

МВР ја корегираше претходно дадената информација дека автобусот кој излета на автопатот кај Велес бил со грчки регистарски ознаки. Оттаму посочуваат дека станува збор за македонски автобус и дека сите патници се македонски државјани. Осумнаесет повредени се пренесени во скопските болници, а девет во болницата во Велес.

Во изјава за МИА директорот на Ургентниот центар во Скопје, Илир Хасани потврди дека кај нив се примени десетина од повредените патници од кои еден е во тешка состојба. ­

– Во Ургентниот центар се примени околу 10­-тина повредени од кои еден пациент се наоѓа во шок соба во потешка општа состојба со повреди на екстремитетите и телото. Во моментот другите се во фаза на иследување, рече Хасани.

Директорот на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (Стара Градска болница) Иван Спировски за агенцијата информирал дека кај нив се примени шестмина кои се во фаза на испитување, а по извршените снимања ќе се утврди дали ќе бидат хоспитализирани.

– Засега на Универзитетската клиника за хируршки болести се примени шест пациенти кои што се во фаза на испитување. Еден е потешко повреден со контузија на градниот кош и на стомакот и е во фаза на испитување на компјутер. Уште една пациенка е со скршеница на левата надлактица, изјави Спировски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top