В недела на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) култната претстава „Ѓоспоѓа Министерка“ ќе ја има стотата изведба. Претпремиера на претставата беше на 27 март во 2009 година и досега ја гледале 35.000 гледачи.
Режисерката и копродуцент на претставата Наташа Поплавска по повод јубилејната изведба, посочи дека е задоволна од соработката со Весна Петрушевска, која го толкува главниот лик, и за која наменски ја работела постановката, како и од актерската екипа.
Театрологот и редовен прфесор на ФДУ Јелена Лужина потсети дека првата „Госпоѓа Министерка“ на сцената на МНТ ја донесе актерката Мери Бошкова, со само 29 години, во 1953 година. Претставата досега доживеала пет постановки, од кои во четири главната рола ја играше Бошкова се до 1987 година, кога доживела 243 изведби, а со стоте од последнава петта постановка вкупно е играна 343 пати.
– Ако знаеме дека петата министерка во режија на Поплавска и со втората Живка Поповиќка, односно со Весна Петрушевска, е одиграна на 28 март 2009 година тогаш можеме да констатираме дека оваа министерка „вози“ со многу побрзо темпо, затоа што за 3 години и 10 месеци доживува стота изведба. Ако продолжи со ова темпо за час ќе биде и двестотата, бидејќи и онака Весна има намера да ја игра во следните 50 години, рече Лужина.
„Госпоѓа Министерка“, заедно со „Чорбаџи Теодос“ и „Сомнително лице“ се трите најизведувани досега претстави воопшто и важат за бренд. Праизведбата на пиесата од Бранислав Нушиќ се случи на сцената на Београдско народно позориште во 1929 година, а во октомври истата година премиерно е изведена и во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.