| четврток, 6 декември 2018 |

Два македонски документарни филма ќе имаат премиера на осмиот „Македокс“

Годинава „МакеДокс“ ќе донесе 68 филмови во петте сегменти Главна програма, Нови автори, Кратки филмови, Студентска и Детска програма и 65 фестивалски гости. Селекцијата е направена од 2.791 филмови од 120 држави од сите континенти. Тематски фестивалот ќе биде фокусиран на визуелната нарација со мото „Расприкажани слики“, следејќи ја познатата изрека „Една слика вреди илјада зборови“

Со македонска премиера на документарниот филм „Со љубов“ снимен по сценарио на Атанас Георгиев и во режија на Илиција Цветковски ќе биде отворено осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ кој ќе се одржи од 19 до 25 август 2017 година во, и на платото пред, Куршумли-ан во Скопје.

Филмот „Со љубов“ ќе се прикажува во програмата Нови автори. Во истата програма ќе биде прикажан уште еден македонски филм. Станува збор за „Планински кавијар“ на авторот Јордан Дуков во продукција на ТВ Телма.

Годинава „МакеДокс“ ќе донесе 68 филмови во петте сегменти Главна програма, Нови автори, Кратки филмови, Студентска и Детска програма и 65 фестивалски гости. Селекцијата е направена од 2.791 филмови од 120 држави од сите континенти. Тематски фестивалот ќе биде фокусиран на визуелната нарација со мото „Расприкажани слики“, следејќи ја познатата изрека „Една слика вреди илјада зборови“.

Прес-конференцијата за осмото издание на „МакеДокс“ се одржа во МКЦ Клуб-ресторан, каде од екипата на „МакеДокс“ пред присутните новинари и медиуми се обратија Петра Селишкар, Петрула Вељановска и Дарко Набаков.

– Во програмата имаме 68 филмови кои помалку користат говор, но повеќе раскажуваат со своите слики – нагласи Дарко Набаков.

Според Петрула Вељановска, Концептот на ’МакеДокс‘ годинава е посветен на визуелната нарација, не само зашто таа е директно врзана за филмот, туку и затоа што очите се битен орган да видиме што се случува околу нас, но и да ги видиме сликите што се внатре во нас.

– Годинава целата ситуација со фестивалот ја гледаме од птичја перспектива, бидејќи сме птици-преселници и следните години ќе треба да се отселиме од нашето гнездо во Куршумли-ан, но се надеваме дека тоа нема да биде засекогаш и дека пак ќе се вратиме во нашето гнездо – загатна Петра Селишкар.

Осумте документарци во Главната програма на „МакеДокс“, со проекции во Куршумли-ан, ќе се натпреваруваат за наградата „Кромид“ за која ќе одлучува жири во состав: Антон Калеја, Владимир Блажевски и Туе Стен Милер.

За наградата „Млад кромид“ за најдобар филм на млад автор ќе одлучува жири во состав Кристина Первила-Андерсон, Селин Мурат и Талал Дерки. За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм ќе одлучуваат Ана Јакимска, Ненад Поповиќ и Филип Велковски.

Годинава, првпат на „МакеДокс“ ќе биде доделена и награда за краток документарен филм, насловена „Сечкан кромид“, а за наградата ќе одлучуваат Ања Медвед, Катарзина Гондек и Роберто Блат.

Сите филмови што ќе бидат прикажани на „МакеДокс“ влегуваат во конкуренција за Наградата за етички идеи, за која ќе одлучува жири во состав: Анета Дучевска, Брина Вогелник и Вито Флакер.

Наградите што ќе бидат доделени на последната вечер на фестивалот се дело на академскиот скулптор Примож Селишкар.

Земја во фокус годинава е Грузија. Грузискиот филм, по мачните стагнирачки години од промената на политичкиот систем, повторно се враќа на светската филмска сцена. Со сиот сјај, знаење, талент и љубов од едни други, нови, клинци кои на најдобар можен начин го продолжуваат филмското наследство од претходните генерации. На 8. „МакеДокс“ ќе може да се проследи избор на седум најнови грузиски документарци.

Покрај филмската програма, на фестивалот ќе се одржат работилницата за визуелна нарација и камера „Една слика, илјада зборови“ на која предавањата од 21 до 25 август во Даутпашин амам ќе ги држат гостите Кристина Первила-Андерсон и Туе Стен Милер, како и работилницата за фотографија „Камера опскура“, која ќе ја води фотографот Сашо Н. Алушевски. Во текот на фестивалските денови ќе се одржи и втората сесија на работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“.

Ноќите под отворено небо на „МакеДокс“ ќе бидат исполнети со звукот на музиката на три врвни групи. На отворањето ќе настапат страстните и секогаш оригинални „Фолтин“. Словенечкиот ансамбл со специфичен израз „Брина“ на светската музичка мапа се проби со реаранжирање и осовременување на словенечките народни песни. Македонската група „Баклава“ ќе го пренесе раскошот на традиционалната музика со нивниот минималистички музички концепт.

Незаменлив сегмент во програмата на „МакеДокс“ се Док-муабетите под смоквата, на кои авторите, но и публиката, имаат можност одблиску да се запознаат меѓусебно. Ќе има и промоција на книгата „Социјалниот архетип во документарниот филм“ на Маријана Котевска Георгиева, но и фото-изложба со наслов „Расприкажани слики од грузиски ракурс“. Агенцијата за филм на РМ и Министерството за култура во рамките на спроведувањето на програмата „Креативна Европа“ (Култура и МЕДИА) ќе организираат промотивен настан, кој ќе се одржи на 23 август, со почеток во 11 часот, во медија-центарот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, МЕДИА – потпрограма на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон и Град Скопје.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top