| четврток, 6 декември 2018 |

Законот за употреба на јазиците е противуставен и нема правна основа во Уставот и во Рамковниот договор

Михајло Маневски

Зоран Заев ја предава и ја уништува Македонија

Заслепен од патолошката желба за власт по секоја цена, Зоран Заев врши предавство на највиталните вредности и интереси на државата. Велепредавник и марионета презема и извршува дејства со кои се урива Република Македонија како самостојна и независна унитарна држава. Предавничката политика на Зоран Заев и на врхушката на СДС секојдневно ја уништуваат Република Македонија.

По срамниот капитулантски договор со Република Бугарија од 1 август, само по неколку дена на 5 август владата на Зоран Заев утврди противуставен Закон за употреба на јазиците со кој се врши втор голем удар на унитарниот катактер на државата и се нанесуваат ненадоместливи штетни последици на Република Македонија.

Реализацијата на тиранската платформа се спроведува со засилено темпо. Тиранската платформа и Законот за употреба на јазиците, подготвен во исто време и од ист центар, има за цел да ја избрише Република Македонија како самостојна и унитарна држава и да го сотре македонизмот и македонскиот народ, неговиот јазик, идентитет, историја и култура.

 

Законот за употреба на јазиците е Закон за албанскиот јазик

Со Законот за употреба на јазиците се предвидува комплетна двојазичност на целата територија на Република Македонија. Двојазичност се предвидува насекаде, во сите државни органи и тела на централно и на локално ниво, јавни претпријатија и установи, општествени и приватни правни субјекти почнувајќи од Претседателот на Република Македонија до најситната клетка во месна канцеларија.

Целосна двојазичност се предвидува:

– На целата територија во Република Македонија, според членот 1 ставот 1 и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, а според ставот 2, друг јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон.

– Во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, на начин определен со овој закон.

– Во институциите на државната власт во Република Македонија службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи кои што ја сочинуваат државната власт и тоа: во Собранието на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, судството, јавното обвинителство, Уставниот Суд на Република Македонија, Народниот Правобранител, во изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, во радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата, како и во други области.

– Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

– Во судските, управните, извршните постапки, постапка за извршување на санкции, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства како и сите други органи, тела и институции, се применува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо.

Сите постапки се предвидува да се водaт на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија.

Сите одлуки, писмена и други акти кои произлегуваат од судските управни и други постапки се донесуваат и издаваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија.

Во работата на Собранието на Република Македонија службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо како и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

Пратеник, избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија на седница на Собранието на Република Македонија и седници на работни тела зборува и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија.

Во работата на Владата на Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо (член 5 став 3).

– Кога со седниците на Владата, на комисиите како и на генералните колегиуми претседава избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој јазик го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, истите ги води на тој јазик и писмо.

Избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој јазик го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија, на седница на Владата, на комисиите на Влада и на генералните колегиуми зборува и на тој јазик и материјалите ги добива на тој јазик.

Стенограмите од седница на Владата, од седница на комисии и генерални колегиуми како и другите материјали и документи се издаваат и се чуваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Сите акти донесени од страна на Владата се издаваат и објавуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Називите на институциите во единиците на локална самоуправа во која најмалку на државните органи како и сите други институции и нивните подрачни 20 проценти  од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и во Скопје, ќе се напишат на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо како и на англиски јазик. Називите ќе бидат со иста големина и фонт, при што називот на македонски јазик и писмо ќе биде напишан прв.

Во подрачните канцеларии на органите од државната администрација кои покриваат најмалку една единица на локална самоуправа во која најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот, називите на канцелариите ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Печатите на институциите на државните органи и сите други институции со седиште во Скопје или во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се испишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо.

Книжните и кованите пари како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо.

Поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите на органите на дрѓавната власт, фактурите од институциите, бандеролите, се пишуваат на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо.

Униформите на полицијата, пожарникарството, здравството, во Скопје и во општините во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Називите на институциите наведени во во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо.

Во постапките пред нотар, нотарските исправи и заверки може да се издаваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

Во постапките пред извршител доколку учесник е лице кое го зборува јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија, налозите, заклучоците, записниците, службените белешки и другите акти на извршителите се издаваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуват најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

Матичните евиденции во Скопје и единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот се водат и на службениот јазик кој го зборува граѓанинот.

Решенијата, изводите, потврдите како и другите акти се издаваат и на службениот јазик кој го збори граѓанинот.

Личните документи и патните исправи на граѓаните кои зборуваат на јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо, по службена должност се издаваат на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо.

На седниците на Државната изборна комисија и општинските изборни комисии во Скопје и единиците на локална самоуправа во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, при спроведување на изборите во работата и постапките на сите комисии, и други тела и институции подеднакво се користат, употребуваат и применуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо.

Име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект во сите единици на локалната самоуправа каде што најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, како и во Скопје, се пишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо како и на јазиците што се општоприфатени од меѓународната заедница.

На граничните премини на Република Македонија и аеродромите кои се наоѓаат на подрачјата каде најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик називите на институциите, другите натписи и патокази се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо.

– Институциите се обврзани да овозможат превод на сите потребни документи и материјали, како и симултан превод на излагања, изјави и рочишта во работата или постапките што се водат.

Необезбедувањето на превод на сите потребни документи и материјали, односно необезбедувањето на симултан превод за време на целиот тек на постапката преставува суштинска повреда на постапката.

Наведените решенија во Законот за употреба на јазиците ја потврдуваат целосната двојазичност на целата територија на Република Македониј и пред сите органи и во сите постапки.

 

Решенијата во предложениот Закон за употреба на јазиците се спротивни на Уставот на Република Македонија

Маските паднаа и лагите излегоа на виделина. За цело време Зоран Заев лажно тврдеше и манипулираше со народот дека сите решенија во Законот за употреба на јазиците се во согласност со Уставот на Република Македонија.

Безобразлак е да се лаже цел народ, а велепредавство е да се рушат основните темелни вредности на Уставното уредување на државата. Каков е овој човек кој безобзирно манипулира и го лаже народот и со своите неразумни постапки ги руши темелните вредности на државата.

Зоран Заев се послужи со измама и при давањето на лажни гаранции за добивање на мандатот од Претседателот на Република Македонија.

Лажно гарантираше заштита на унитарноста на државата, заштита суверенитетот и државните интреси и владеење на правото, не доведувајќи ја државата во положба потчинетост и зависност спрема друга држава.

Го направи токму спротивното од тоа што го гарантираше. Сите овие гаранции се тешки лаги и измами, со единствена цел да дојде на власт и да служи на туѓи интереси на штета на државата и нарордот и особено да на тие што го доведоа на власт.

 

Предлог-законот за употреба на јазиците е спротивен на Амандманот V на Уставот на РМ

Предлог Законот за употреба на јазиците е спротивен на амандманот V на Република Македонија. Во Амандманот V, со кој се замнеува членот 7 од Уставот, никаде не се наведува „албански јазик“, како што се наведува во членот 1 став 2 од предложениот закон.

Во членот 1, јасно се наведува дека под „друг јазик кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните“ е албанскиот јазик. Со тоа, со предложениот закон се повредува Уставот, бидејки во аманднманот V никаде не се наведува албанскиот јазик, туку се употребува терминологија „друг јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член”. Oва е формулацијата содржана и во Рамковниот договор.

Членот 1 од предложениот закон е спротивен на Амандманот V, во кој се наведува дека „друг јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, исто исто така е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член“.

Тоа значи дека со овој член од Уставот се определува јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, кој исто така е службен јазик и неговото писмо, а не како што се наведува во член 1 став 2 од Законот за употреба на јазиците со формулацијата „согласно овој закон“.

Со Законот за употреба на јазиците неможе да се изменува Уставот на Република Македонија. Законот за употреба на јазиците не може се стави над Уставот како највисок правен акт на државата. Ниту еден закон не може да биде повисок од Уставот.

 

Законот за употреба на јазиците е политичка агресија врз Република Македонија

Законот за употреба на јазиците е подготвен заедно со Тиранската платформа и овој Закон е основа на Тиранската платформа. Овој Закон беше предмет на разговори за состав на Влада и неговото прифаќање беше поставено како непремостлива препрека за коалиционо мнозинство за доделување на мандат за состав на нова Влада.

Одкако ВМРО-ДПМНЕ не ги прифати барањата на ДУИ и други албански партии и не ја прифати Тиранската платформа, Зоран Заев потклекна и безрезервно ги прифати сите барања на ДУИ и други парламентарни албански политички партии и по цена за противуставно редефинирање и капитулација на унитарниот карактер на државата и опстанокот на самостојна Република Македонија.

Двојазичноста на целата теритирија на Република Македонија воопште не е дел на Охридскиот рамковен договор. Тоа е огромна манипулација и има далекусежни последици. Охридскиот рамковен договор е преточен во Уставните Амандмани и тоа од Амандман IV до Амандман XVIII, порогласени со Одлука на Собранието на РМ од 16.11.2001 година. Со тоа легислативната рамка од тој договор е завршена.

Во недостаток на аргументи, заменик претседателот на Владата задолжен за Евроинтерграции, досега илјада пати повторува една иста невистина дека со овој закон се затвора и последниот дел од легислативната рамка на Охридскиот рамковен договор. Тоа не е последниот легислативен дел, туку со овој закон, кој не произлегува од ниту од Уставот, ниту од Охридскиот рамковен договор, целта е да се нанесе последниот одлучувачки удар на Република Македонија и Македонскиот народ.

Граѓаните на Република Македонија постојано се манипулираат со лаги, измами и лажни ветувања. Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците и припадници на други етнички заедници ништо не добиваат со овој закон. За цело време добиваа само лажни ветувања. Овој закон е скроен само за албанскиот јазик.

 

Со донесувањето на овој закон дефинитивно се редефинира РепубликаМакедонија

Со донесувањето на Законот за употреба на јазиците дефинитивно се редефинира РепубликаМакедонија и се ставаат темелите за основање на трета федерална Албанска држава на Балканот на територијата на Македонија. Тоа е политичката цел на овој закон која се крие зад наводното унапредување на примената на Албанскиот јазик.

Освестени и одтргнати од црната пропаганда на Владата, Македонскиот народ и сите припадници на етничките заедници во Република Македонија треба да имаат во предвид дека им се руши државата и се подготвува длабока бездна од која нема враќање. Им се подготвува предавство и капитулација само заради паталошката желба за власт на Зоран Заев и врхушката на СДС по секоја цена и по цена на распарчување на темелните основи на државата и граѓаните и уништување на Република Македонија.

Камо среќа припадниците на Македонскиот народ во соседните земји да имаа барем еден промил од правата што ги има албанскиот народ во Македонија, со неколку Универзирети на кој студираат десетици илјади студенти, со културни и образовни институции, со повеќе електронски и печатени медиуми и портали, со право да се образуваат на својот мајчин јазик од основно до високото образование, да го употребуват својот јазик во постапките пред сите институции во постапка утврдена со закон соогласно Уставот, со повеќе политички партии и секогаш партиципиенти во државната и локалната власт, во државната администарација, судството и обвинителството, активни чинители во стопанскиот и општествениот живот во државата, која секогаш се трудела за унапредување на правата и ги надминала и највисоките стандарди за остварување на правата на припадниците на етничките заедници.

 

Гаранции за примена на Законот за употреба на јазиците

Заради остварување на целите на Законот за употреба на јазиците, промовирање, заштита и воедначена примена на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо се основа Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија.

Во членот 20 од предложениот Закон за употреба на јазиците, се предвидува основање на Инспекторат со својство на правно лице во состав на Министерството за правда. Овој Инспекторат е надлежен да врши надзор над целосно и доследно спроведување на одредбите од Законот кои се однесуваат на употребата на јазиците.

Со Законот за употреба на јазиците не е утврдена надлежноста на овој Инспекторат, туку тоа ќе било уредено со посебен закон.

 

Казни за примена на Законот за употреба на јазиците

За примената на Законот за употреба на јазиците се предвидени казни за повреда на одредбите од законот. Во членот 22 се предвидува глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност за прекршок која ќе се изрече на органите наведени во член 1 став 3, член 2 став 3, како и сите други институции за непочитување на одредбите од овој закон. Глоба во износ од 30% од одмерената глоба ќе му се изрече на службеното лице и одговорното лице во органите од став 1 на овој член.

Глоба од 4000 до 5000 евра може да се изреќе спрема сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции.

Глоба во износ од 4000 до 5000 евра може да се изрече на сите институции од членот 2 став 3 и тоа: Собрание на Република Македонија, Претседател на Република Македонија, Влада на Република Македонија, судство, јавно обвинителство, Уставен Суд на Република Македонија, Народен Правобранител, во изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, во радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата, како и во други области.

Глоба во износ од 30% од одмерената глоба се предвидува да му се изрече на службеното лице и одговорното лице во органите од став 1 на овој член.

Ова значи дека глоба е предвидена за сите државни органи, јавни и приватни ретпријатија и институции за повреда на секоја одредба од Законот за употреба на јазиците, како и за службеното и одговорно лице во тие органи и институции.

Ваков налчин на определување на глоба за правно лице и за службено и одговорно лице во правно лице не е предвиден во ниту еден закон. Нема опис на повредата за сторениот прекршок.

 

Зошто европско знаменце на предложениот закон

Европско знаменце на предожениот закон за употреба на јазиците е ставен со единствена цел да се ограничи и да се избегне расправата по предложениот текст на законот и набрзина да се донесе еден неуставен закон.

Република Македонија досега примила осум позитивни извештаи од ЕУ со препорака за добивање на датум за отпочнување на преговорите за членство во Унијата и подготвила 17 Извештаи за исполнување на условите за членство во НАТО, кои се позитивно оценети. Во ниту еден од сите тие Извештаи, донесување на Закон за употреба на јазиците не е поставен како услов за евроинтеграциите.

Еевропското знаменце на предложениот закон е спротивно на Деловникот за работа на Владата. Овој занон не е и никогаш не бил никаков услов за Евроинтеграциите на Македонија за членство во ЕУ и НАТО.

Тоа што Владата усвоила Националната програма за усвојување на правото на ЕУ 2017-2019 и во таа порограма било предвидено донесување на Закон за употреба на јазиците е резултатат на преговорите на ДУИ и други албански политички партии и СДС и пазарлакот на Зоран Заев по секоја цена да прифати се што од него побарале.

Портпаролот на ДУИ, сега заменик претседател на Владата за Евроинтеграции ја исполнува својата партиска обврска и на еден закон кој не е никаков услов за Евроинтеграциите става евроспско знаменце со единствена цел законот да биде донесен без потербна расправа.

Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа е донесен во 2008 година и преставува збир на одредби од посебните закони кои го уредуваат прашањето за употреба на јазикот. Овој закон и измените од 2011 госдина не се означени со европско знаменце. Како е можно сега во 2017 година тој закон да биде поставен како услов за евроинтеграциите и да носи европско знаменце. Манипулациите се очигледни.

 

Закон без оцена за финансиски импликации

Секој предлжен закон мора да има оценка за потребните финансиски средства за спроведувањето на законот. Во предложениот закон само се наведува дека законот ќе предизвика финансиски импликации, но освен тоа ништо друго не се наведиува, колкави ќе бидат тие финансиски импликации, во кои субјекти, на какви трошоци ќе бидат изложени приватни субјекти и субјекти кои вршат јавни овластувања и други други органи и унституции.

Несомнено, така како што е предложен законот, ќе бидат потребни значителни финансиски средства за вработување на повеќе илјади преведувачи, лектори, стенодактилографи, дактилографи, записничари, инспектори, службени лица во Агенциијата и Инспекторатот, просторни и материјални средства за овие органи и други средства, а ќе предизвикаат дополнителни трошоци и кај стопанските субјекти, трговски друштва и други институции.

Со донесување на Законот за употреба на јазиците и со ратификација на капитулантскиот Договор за добрососедство со Република Бугарија, дефинитивно се редефинира независна самостојна и унитарна Република Македонија, самобитноста на македонскиот народ и неговиот идентитет, македонскиот јазик, историја и култура.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top