| четврток, 6 декември 2018 |

Рускиот манастирски хор „Оптина Пустин“ на „Охридско лето“

Дваесет и осмиот ден од годинешното 57. Издание на „Охридско лето“ нуди две интересни содржини – концертот на машкиот манастирски хор „Оптина Пустин“ од Санкт Петербург и мултимедијалниот проект на охридскиот уметник Драган Спасески.

Во рамки на концертот на „Оптина Пустин“ под диригентска управа на Александар Семенов како солисти ќе настапат Александар Горбатенко – контратенор, тенорите Александар Детинкин и Евгениј Михеев, баритонот Дмитриj Писарев и Владимир Милер – бас профундо, како и гостите Иван Томашев – бас баритон од Србија, неговата сонароднича Сања Керкез од Србија – сопран, како и нашата сопранистка Милена Арсовска.

Машкиот хор „Оптина Пустина“ е основан во 1996 година во рамки на монаштвото на областа Оптина Пустин во Санкт Петербург. Уште од првите денови на основањето хорот постојано го надградува својот репертоар што се состои од стари и нови екслезиастички пеења. Како резултат на нивната работа откриени се и изведени бројни манускрипти кои постоеле во различни академски библиотеки во Русија и во светот, а нивните концерти вклучуваат пеења не само од руската традиција, туку и од ортодоксните традиции на Грција, Бугарија, Србија и Грузија, како и модерни аранжмани на стари пеенија и религиозни композиции на руски композитори.

Основачот на хорот и негов уметнички раководител Александар Семенов дипломирал хорско диригирање на Конзерваториумот во Санкт Петербург, се усовршил во областа на оркестарското диригирање, а ја проучувал и старо-руската музичка нотација.

Хорот е составен од професионални музичари, дипломци на Конзерваториумот во Санкт Петербург, меѓу нив е и познатиот бас Владимир Милер (солист на театрот „Марински“, национален уметник на Русија), како и наградуваните солисти Александер Горбатенко (контра-тенор), Дмитри Шишкин (бас), Дмитри Писарев (баритон), Борис Петров (баритон), Евгениј Микхеев (тенор), Андреј Иванушкин (тенор), Виктор Капров (бас), Сергеј Григориев (бас).

Во дведецениското уметничко делување хорот остварил настапи во повеќе од 30 градови во Русија, а има реализирано турнеи во Белгија, Унгарија, Германија, Холандија, Шпанија, Италија, Кина, Колумбија, Норвешка, Србија, Црна Гора, Финска, Франција, Шведска, Естонија и Украина.

Нивни концерти се одржани во Катедралната црква на Кремљ во Москва, Катедралата „Св. Софија“ во Нижни Новгород и Киев, во бројни катедрални цркви во западна Европа, како и во повеќе концертни сали.

Во 2006 издавачката куќа „Ворнермјузик“ го издава ЦД-то снимено со италијанскиот ансамбл „Солистивенети“ и Клаудио Шимоне, а во досегашната дискографија на хорот се впишани и 14 други албуми.

На програмата на концерот закажан за 20:30 часот во „Света Софија“ се избрани духовни композиции, грегоријасни распеви, старобугарски распеви, манастирски песни, херувимски песни, духовни песни на Борњански, Чесноков, Рахмањинов, Трубачев, Свиридов, Садовски и на Шуберт.

Веднаш по завршувањето на концертот на истата сцена некаде од 22 часот ќе биде претставен и мултимедијалниот проект „Човек е трепет и ангелот трепет е, а ти Боже мој…“ на Драган Спасески Охридски.

Спасески досега ги има реализирано проектите „Апокалиптичен Нарцис“ (1989 год.), „Сè трепери“ (1996 год.), „Блиску до Сонцето и љубовта мракот помалку боли“ (1999 год.), „Вибрација креација совршена релација“ (2001 год.), „Охридски ангели“ (2003 год.), „Погледни во себе“ (2004 год.), „Трите точки“ (2008 год.), „Охридски бисери на мудроста“ (2010 год.), „Битолска трилогија“ (2011 год.).

Новиот мултимедијален проект е насловен во форма на хиаку песна, а го претставува доживувањето на уметноста како дел од бесконечноста и вечноста продолжувајќи ја љубовта кон човечкото…ангелското и Божјото..

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top