| четврток, 6 декември 2018 |

Да се покажеме како добри домаќини, Скопје денеска е центар на фудбалскиот свет

Повеќе од 300 телевизиски канали ширум планетата ќе реализираат пренос од Суперкупот на УЕФА кој во вторник се игра во Скопје меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Со тоа натпреварот на „Телеком арената“ ќе биде еден од најгледаните спортски настани во светот за 2017 година, што без сомнение претставува огромна промоција за Македонија во светски рамки

Денеска Скопје е центар на фудбалскиот свет. Дуелот меѓу актуелните победници во Лигата на шампионите Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед како освојувач на Лига Европа, ќе почне од 20,45 часот на Националната Арена „Филип Втори“ (МТВ пренос).

Два дена во Скопје има гости од Англија и од Шпанија, но и навивачи од цел свет кои ги следат своите клубови каде и да настапуваат. Наша задача е, како домаќини, да се покажаме во најдобро светло. Да ги нагостиме и среќни и задоволни да заминат од Скопје со најубави спомени. Да посакаат да се вратат повторно тука, како туристи кои ќе ги запознаат убавините на Македонија. Тоа значи кафанџиите љубезно да се однесуваат со гостите, волонтерите кои ги ангажираше Фудбалската федерација на Македонија да им помогнат на сите оние кои имаат прашања за нив, да ги насочат каде што тргнале, хотелиерите да го покажат сето свое знаење и умеење и надалеку прераскажуваната љубезност кога станува збор за странски гости, граѓаните на Скопје да им помогнат на гостите, ако некој им се обрати за помош.

Организацијата на Суперкупот е огромна задача, а дали добро е завршена ќе се знае откако ќе заврши натпреварот и ќе ги испратиме фудбалерите и навивачите. Сите посакуваат денешниот ден да мине без инциденти, во духот на фер-плејот.

Два дена Скопје дише за Суперкупот, плоштадот „Македонија“ и центарот на градот синоќа беа преполни со навивачи, но и граѓани кои сакаа да ја почувстуваат еуфоријата пред големиот натпревар. Неутралната фан зона привлече многу млади фудбалери кои допрва ги учат фудбалските тајни. Идниот Панчев, Пандев, Роналдо можеби е меѓу нив. Сакаа да се докажат, да шутнат и да постигнат гол, да ја восхитат публиката. Возбудени, дојдени за фотографирање со трофејот за Суперкупот. Но, тука беа и торфеите за Лигата на шампионите и Лига Европа. Скопје навистина личеше на светски град, барем за момент.

И не е првпат да доаѓаат бројни навивачи. На „Градски стадион“ гостуваше Англија, дојде и Ирска, Шкотска, потоа и Шпанија, Италија. Секогаш навивачите си заминуваа задоволни од гостопримството во главниот град на Македонија.

Повеќе од 300 телевизиски канали ширум планетата ќе реализираат пренос од Суперкупот. Со тоа натпреварот на „Телеком арената“ ќе биде еден од најгледаните спортски настани во светот за 2017 година, што без сомнение претставува огромна промоција за Македонија во светски рамки. Според проценките, се очекува мечот да биде следен преку ТВ екраните од повеќе од 500 милиони љубители на фудбалот. Овој меч треба да биде и втор најгледан спортски настан во последниве години по ЛОИ кои минатата година се одржаа во Бразил.

Најчесто гледаноста на најголемите фудбалски клупски настани се движи меѓу 200 и 300 милиони гледачи, но проценката  е дека овој пат УЕФА Суперкупот од Скопје ќе има далеку поголема гледаност поради атрактивноста на двата тима, но и поради фактот дека е прв официјален натпревар од ваков тип и класа во овој дел од Европа.

УЕФА претходно објави дека пренос од соочувањето на Реал Мадрид и Манчестер јунајтед ќе има во 228 земји во светот, на повеќе од 300 ТВ канали.

Денеска Скопје е центар на фудбалскиот свет и затоа треба да се покажеме како одлични домаќини!

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top