| четврток, 6 декември 2018 |

Пожарите на Матка и кај Македонски Брод се уште активни, во опасност се блиските куќи

Пожарите на Матка и во атарот на село Требовље кај Македонски Брод се уште се активни, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според ЈП Паркови и зеленило, пожарот кај браната Матка е се уште активен, но само чади на непристапен срт (карпа) блиску до браната и не се шири. Нивна екипа постојано го следи. Во гаснење на пожарот кај Требовље, пак, се ангажирани АРМ и месното население, додека силите на ЈП Македонски Шуми се пренасочени на пожарот кој се ширеше кон местото Фојник. Активни се и пожарите во атарот на село Дреново во месноста Дреновска Корија каде е зафатена шума со даб, јасен и бука, на падините на Горна Јакупица каде теренот е непристапен и над манастирот Св.Спас близу Богомила. Активни пожари има и во атарот на селото Дрен – Смолани, во атарот на селото Могилец и во атарот на селото Близанско. Според ЦУК, пожарот во село Слатина е со намален интензитет и на поедини места горат ниско стеблести дрва.

Во Тетовско активен е пожарот во селото Корито каде интервенира месното население. На пожарот над село Сиричино, Туденце Копанце инервенира екипа на од ЈП Македонски шуми. Моментно гори сува трева и огнот се движи кон сртот на Жеден, но нема опасност по селата и населението. На пожарот во село Гургурница каде гори сува трева, интервенираат екипи на ЈП Македонски шуми и месно население. Излезени се и претставници од Општина Брвеница. Пожарот кај селата Барово, Чифлик и Св.Петка е локализиран пред да ја зафати боровата шума. И таму се присутни дежурни екипи кои ја следат сосотојбата. Локализирани се и пожарите во атарот на селото Подвис каде гореше нискостеблеста деградирана шума, како и пожарот во атарот на село Девич. Делумно се локализирани пожарите на Караџица, кај селата Морани и Орешани, но дежурни екипи се постојано на терен. Засега нема потреба од интервенција на авиони или хеликоптери зашто интензитетот на огнените стихии е намален.

Пожарот од атарот на село Растеш каде беа загрозени куќите во подножјето, е ставен под контрола од војската и месното население, но не се исклучува можноста во текот на денот поради високите темпетатури да се прошири кон Заград и Битово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top