| четврток, 6 декември 2018 |

Бивш припадник на ЦИА му ги дал на Гардијан податоците за интернет-шпионирањето

edvard snouden

Еден 29-годишен Американец, кој работел за ЦИА, јавно преку весникот Гардијан соопшти дека на медиумите им доставил податоци за интернет-шпионирањето што го спроведува Владата на САД.

Според британскиот весник, станува збор за Едвард Сноуден, кој во моментов се наоѓа во Хонг Конг.

Тој порано работел како технички асистент на ЦИА, а подоцна како службеник во „Буз Ален Хамилтон“, приватна компанија ангажирана од Министерството за одбрана, учествувал во таен проект на Националната агенција за безбедност (НСА).

Според Гардијан, Сноуден на 20 мај заминал од САД и сега се наоѓа во хотел во Хонг Конг.

„Мојот единствен мотив беше да ја информирам јавноста што се прави од нејзино име и што се прави против неа. Свесен сум дека ќе пропатам поради мојата постапка“, навел Сноуден во изјавата.

Сноуден, кој работел во канцеларијата на НСА на Хаваите, преснимил тајни документи и пред три недели зел боледување, велејќи им на своите претпоставени дека ќе биде отсутен неколку недели, а потоа заминал во Хонг Конг.

„Свесен сум дека никогаш повеќе нема да се вратам дома“, вели сега Сноуден.

Пред неколку дена Гардијан, а потоа и Вашингтон пост, објавија дека НСА преку телекомуникациската компанија „Верајзон“ тајно собира податоци за сите повици што се направени преку таа мрежа во Америка.

Исто така, откриен е и документ според кој американската влада целосно ги следи Интернетот и социјалните мрежи, читајќи ги сите пораки и мејлови што циркулираат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top