| четврток, 6 декември 2018 |

Кристијано Роналдо на суд: Никогаш не сум избегнал данок, тука сум затоа што сум славен

Славниот Португалец денеска се бранеше на суд поради обвинувањето за затајување на данок во Шпанија. Кристијано Роналдо се појави на закажаното рочиште на судот во Позуело де Алакрон, а државата го терети дека затаил 14,7 милиони евра.

Роналдо го давал својот исказ пред судот околу еден час, а повторно нагласил дека е невин и дека против него се води постапка само затоа што е славен.

-Да не се викав Кристијано Роналдо не би бил тука“, наводно истакнал на рочиштето, пренесуваат „Ел Еспањол“ и „Ла Секста“.

Тој исто така истакнал дека никогаш не ги избегнувал обврските кон државата, како и дека секогаш ги исполнувал своите обврски кон оваа држава.

-Никогаш ништо не сум сокрил и никогаш не сум се обидел да го избегнам плаќањето на данок. Шпанското даночно биро знае дека секогаш на време сум плаќал се и секој пат ги известував. Секогаш ги исполнував своите обврски кон данокот бидејќи сметам дека сите треба тоа да го прават. Оние кои ме познаваат знаат дека им имам кажано на моите советници да држат се во најдобар ред бидејќи навистина не сакам неволји, изјавил Роналдо.

Доколку се докаже спротивното, Роналдо би можел да се најде во огромни проблеми, бидејќи тогаш казната ќе биде ригорозна.

Претходно и Лионел Меси беше обвинет за затајување на данок во висина од 4,1 милион евра за периодот од 2007 до 2009. година, но Аргентинецот со цел да не ризикува ја призна вината и веднаш се спогоди со судот, па така тој исплати парична казна и доби 21 месец затворска казна. Според законите во Шпанија, секоја затворска казна под 2 години може да се издржува условно.

Проблем за Роналдо може да биде фактот што не сака да признае ништо, бидејќи тој упорно тврди дека е невин. Доколку судот во Мадрид го докаже спротивното, тогаш Португалецот би можел да се соочи со ригорозна парична казна и казна затвор, но во вистинската смисла на зборот, во времетраење од 2 до 6 години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top