| четврток, 6 декември 2018 |

Роберт Велјановски: Се надевам дека процесот за изградба на Драмски нема да запре!

Новите објекти нема да ги користат само членови на една политичка структура, туку бенефит од нивната изградба ќе имаат граѓаните на Република Македонија. Оттука сметам дека не само што не би требало да ги блокираат овие проекти, туку напротив, треба максимално да се заложат за нивна реализација. Во крајна инстанца, јас ќе бидам првиот што гласно ќе кажам: Тој и тој објект, Владата на Република Македонија, преку Министерството за култура, го изгради додека на власт беше СДСМ!

Со решение од министерот за култура бевте разрешен од функцијата директорот на НУ Драмски театар Скопје. Во официјалното образложение објавено од Министерството за култура, меѓу другото, се вели дека Министерството за култура потсетува дека именувањето в.д. директори се прави со цел што побрзо ослободување на клучните институции, кои досега беа заробени од партиски кадри. Каков е Вашиот став за ова?

-Ова што во моментов се случува во Република Македонија е класичен политички реваншизам и брутална политичка пресметка со сите политички неистомисленици во државата. И тоа не само во културата, туку и во сите други сфери на општественото живеење. Јас никогаш не сум криел дека сум член на ВМРО-ДПМНЕ и дека ја поддржувам политиката на мојата политичка партија. На крајот на краиштата, на последните парламентарни избори на кои ВМРО-ДПМНЕ излезе како победник, бев кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за пратеник во Собранието на Република Македонија.

Но, тоа што, очигледно, не сакаат или не можат да го разберат пишувачите на ваквите информации е дека постојат луѓе што умеат да направат јасна дистинкција на тоа што е партиска активност, а што професионалност во работењето. Одговорно тврдам дека во мојот четири и полгодишен мандат единствената политика што сум ја водел во НУ Драмски театар Скопје, била театарската политика на установата. И тоа таа за која сум проценил дека е најдобра за мојата установа, и на естетски и на финансиски план. Изнесете еден материјален доказ дека сум злоупотребил нешто или некого од Драмски за партиски или за лични цели и не само што јавно ќе се извинам, туку подготвен сум да одговарам морално, материјално и кривично. Исто така, би замолил да ги проверите сите официјални страници на Драмски (веб-страницата и трите профили на „Фејсбук“ на театарот) и ќе ве замолам да ми посочите една информација преку која се спроведува партиска политика преку НУ Драмски театар Скопје и да ги споредите со последните соопштенија на Министерството за култура во кои може, и без подлабока анализа, да се препознаат експлицитни примери на политичко дејствување. Да заклучам, со гордост ги отфрлам гнасните инсинуации дека во изминатите години Драмски бил заробен од некого или од нешто. Како доказ ќе им ги понудам актерите на Драмски, тие неколкумина јавно, но и подзаскриено инволвирани „слободоумни шарени револуционери“, изнедрени од пазувите на Драмски, кои немале никакви последици поради своето експлицитно политичко дејствување и на кои не им недостига ниту едно влакно од главата поради нивните политички убедувања. Напротив, сум ги почитувал нивните ставови. Му се допаѓало тоа некому или не и, во крајна инстанца, ми се допаѓало тоа мене или не! Видете, сѐ уште се нема родено маж што ќе ја победи слободоумноста на актерите на Драмски. Дури и во времето на најлутиот социјализам, на шега, на смеа, во Драмски имало „демохристијанска франкција“! За ова што го говорам постојат материјални докази и сведоштва, а не искажани флоскули, кои немаат никаква врска со реалноста.

Но, со задоволство можам да констатирам дека, и покрај сѐ, со соопштението за мое разрешување објавено од сајтот на Министерството за култура, можам да се согласам само со една констатација – НУ Драмски театар Скопје е клучна институција од областа на културата во Република Македонија.

Од страна на Министерството за култура како причини за Вашето разрешување се наведени наодите на инспекциските служби според кои не сте спровеле постапка за реаудиција; незаконски бил издаван под закуп дел од објектот на националната установа, простор што е во сопственост на Република Македонија, со оглед  на тоа дека претходниот договор за закуп бил истечен на 14.2.2015 година: дека во националната установа не се водела соодветна евиденција за работното време на вработените во установата, предвидена со Законот за работни односи, а сте донеле и годишна програма за работа на установата без согласност на Управниот одбор... Како би го коментирале ова образложение?

-Како да го коментирам?! Со оглед на тоа дека сѐ уште течат роковите по правните поуки од решението, нема да ги коментирам сите наведени невистини. Само ќе ги упатам службите на министерот да си ги проверат архивите на Министерството пред да ја напишат која било нарачана невистина и да им посочам дека е срамно да подлегнуваат на партиските притисоци во Министерството, а граѓаните да плаќаат за нивната непрофесионалност.

Ќе ја коментирам само таа што мене ми е најсмешна – „Директорот донел годишна предлог-програма без одобрение на Управниот одбор“.

Прво, директорот не донесува, тој поднесува Предлог-програма за работа на националната установа до Министерството за култура. Управниот одбор на установата дава согласност за предложената програма, а органот што ја донесува програма за работа на националните установи е Министерството за култура.

Второ, Управниот одбор на НУ Драмски театар Скопје, во моментов (исто како и на денот, кој, според закон, е краен рок до кој мора да се поднесе предлог-програмата за работа на националната установа, 30.6.2017 год.), нема доволен број членови за да може полноправно да донесува одлуки. Притоа, Министерството за култура е уредно информирано со допис дека мандатите на тројца членови е истечен, со барање за именување нови членови. Последното барање до Министерството за култура за именување на нови членови од редот на вработените во НУ Драмски театар Скопје, за пополнување на испразнетите места во УО на НУ ДТС е упатено до Министерството за култура на 12.6.2017 година. Имено, на тројца од пет членови на УО им е истечен мандатот. Членови на УО, во согласност со Законот за култура, именува министерот за култура (четири члена: двајца истакнати поединци од областа на културата и двајца членови што се вработени во установата) и локалната самоуправа, односно во случајот на Драмски, градот Скопје (еден член од редот на истакнати поединци од областа на културата). Значи, директорот на установата не именува членови на УО. Затоа, директорот на НУ Драмски театар Скопје, т.е. јас (во согласност со законските прописи, кои предвидуваат и санкции во случај на неподнесување годишна предлог-програма за работа на националната установа за 2018 година) во законски определениот рок, на 29.6.2017 година, поднесов годишна предлог-програма за работа на Националната установа Драмски театар Скопје за 2018 година со придружно писмо во кое се укажува дека поради немање комплетен УО, кој полноправно ќе донесува одлуки, директорот ги препраќа до Министерството за култура сите предлог-проекти (вкупно 14 од основната дејност на театарот), кои биле доставени или договорени да бидат во предлог-програмата на НУ Драмски театар Скопје за 2018 година.

Притоа, сакам да споменам дека сите претходни годишни предлог-програми за работа на НУ Драмски театар Скопје за 2014, 2015, 2016 и 2017 година уредно ја поминале со закон пропишаната процедура за нивно поднесување.

Значи, да резимирам, ме разрешиле по укажувањето што со допис на 29.6.2017 година јас сум го посочил како неправилност во работата на Министерството, односно, во конкретниов случај, неправилност во работата на министерот за култура, кој единствен ја има надлежноста за именување или разрешување на членовите на УО, во согласност со членот 35, став 2 од Законот за култура. Да не е смешно, навистина ќе беше многу тажно!

Драмски театар во Вашиот мандат одбележи два јубилеја: 50 години од вселувањето во новата зграда, каде што се случувале сите значајни театарски настани во земјава, и 70 години од формирањето на Драмскиот театар… И сето ова додека се очекуваше нов објект. До каде е реализацијата на изградбата на новата зграда на Драмски? Ќе добие ли оваа институција нова зграда?

-Јас, искрено, се надевам дека процесот за изградба на Драмски нема да запре. Не затоа што тоа е проект на претходната Влада на РМ, туку затоа што овој објект веќе не ги задоволува ни елементарните услови за вршење на дејноста. Едноставно, „изеден“ е од забот на времето. Всушност, прославата „50 години Драмски на Шекспирова“ не беше ништо друго, туку потсетување до сите соодветни субјекти во државата дека овој објект на Драмски, кој е привремен објект (барака) пуштен во употреба во 1965 година како донација од британската влада за Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 година, си го отслужил своето.

Мене ми е сосема јасна и препознатлива сентименталната врска на скопјани со овој објект на театарот. Само, немојте мене да ми говорите за сентимент кон Драмски. Јас, од кога знам за себе, знам и за Драмски. Мене Драмски ми е маало. Со Драмски се дружам од првите прошетки кога ме шетале како бебе, преку првата претстава, која, како второодделенец, сум ја гледал во Драмски во далечната 1975 година, преку сите детски и младешки лудории во дворот на Драмски и речиси сите изгледани претстави во 80-тите години на минатиот век, моето професионално актерско деби на сцената на Драмски, па сѐ до ден-денешен. Кога јас ќе го споменам зборот „театар“, првата асоцијација ми е Драмски. Значи, не се работи ниту за каприц, ниту, пак, за луксуз, уште помалку за некакво девалвирање или поништување на историјата на најзначајната и најрелевантна македонска театарска институција, туку се работи за насушна и елементарна потреба за нов објект.

На денот на примопредавањето на функцијата директор на НУ Драмски театар Скопје, на почетокот присуствуваше и заменик-министерот за култура. Во разговорот говоревме и за новиот објект на Драмски и добив уверување дека заменик-министерот ќе се заложи да продолжи проектот за изградба на Драмски. Ако си стои на зборот, а јас постојано ќе го потсетувам на тоа, искрено се надевам дека Драмски наскоро ќе добие нов, современ објект со кој ќе се задоволи еден од главните предуслови за повторно враќање на Драмскиот театар на „голема врата“ на балканската и на европската театарска сцена.

Сведоци сме дека буџетот за археолошки истражувања се намали за повеќе од 70 проценти, повеќе од 80 проценти е намален буџетот за театарот во Скупи, се проблематизира постапката за изградба на нов објект на театарот во Охрид… Сметате ли дека во целост ќе се блокираат сите проекти што се наследени од претходната власт?

-Искрено се надевам дека новата власт нема да си дозволи таков луксуз. Особено не кога станува збор за капитални, инфраструктурни објекти од областа на културата. Проектите што новата власт ги наследи од претходната не се желба на поединци или на ВМРО-ДПМНЕ или, пак, на лоби-групи што посакуваат некој нов објект во нивната средина. Нивното предлагање и усвојување е направено по длабока анализа за потребата на граѓаните во овие средини. Новите објекти нема да ги користат само членови на една политичка структура, туку бенефит од нивната изградба ќе имаат граѓаните на РМ. Оттука сметам дека не само што не би требало да ги блокираат овие проекти, туку напротив, треба максимално да се заложат за нивна реализација.

Во крајна инстанца, јас ќе бидам првиот што гласно ќе кажам: Тој и тој објект, Владата на РМ, преку Министерството за култура, го изгради додека на власт беше СДСМ!

Знам дека тоа што ќе го изговорам гласно ним ништо нема да им значи. Ама ќе ми значи мене, за чистотата на мојата ментална матрица!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top