Семејството на Исмаил Морина, кој е осомничен дека управувал со дронот што носеше националистички транспарент над стадионот во Белград за време на натпреварот помеѓу фудбалските репрезентации на Србија и Албанија, одигран во октомври 2014 година се закани дека ќе „направи нешто многу радикално што ќе ги изненади сите“ доколку Морина биде екстрадиран во Србија.
Неговиот брат Џеваир се пожалил за телевизијата „Репорт“ дека владата во Тирана не обраќа доволно внимание на случајот на неговиот брат и тврди дека животот на Исмаил ќе биде загрозен во Србија.
–Ја повикуваме државата Албанија да интервенира и да ја сопре екстрадицијата. Ние, како семејство ќе направиме нешто многу радикално кое што ќе ги изненади сите, изјавил Џеваир, не откривајќи го својот план.
Исмаил Морина Морина е по потекло од Кукеш на североистокот на Албанија, но живее во Италија и редовно ги посетувал натпреварите на албанската репрезентација.
По појавувањето на дронот над стадионот, веднаш избија серија на насилства на теренот, а Морина бил уапсен во јуни во Хрватска врз основа на распишаната потерница на српските власти. Судот во Дубровник минатата седмица одобри екстрадиција на 35-годишниот Албанец во Белград.
Фудбалскиот сојуз на Албанија застана целосно зад Морина и го уверил семејството на Морина дека ќе сторат сѐ што е во нивна можност за нивниот син да се врати дома.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.