Пет полски новинари на покана од ТАВ Македонија претојуваа во Македонија со цел да ги искусат убавините на земјата и да ја промовираат како туристичка дестинација меѓу туристите од Полска.
– Имплементирајќи ја неодамнешната успешна маркетинг активност со турските блогери за промоција на Македонија меѓу турските граѓани, презедовме многу слична маркетинг-иницијатива, со цел да ја промовираме Македонија како интересна туристичка дестинација меѓу туристичките агенции и тур-оператори од Полска како и самите патници од оваа земја. Од 17 до 22 јули пет новинари од Полска, од угледни печатени и онлајн медиуми ја посетија Македонија, конкретно Скопје и скопскиот регион (кањонот на Матка, винарии), Охридското Езеро и Битолскиот регион, искусувајќи ги убавините на земјата и нејзиното културно-историско наследство. Очекуваме оваа активност да придонесе за повисока побарувачка на летови од Полска кон Охрид, со цел тур-операторот Рего Бис да ја операционализира најавената дополнителна дестинација – Варшава, како и да придонесе за отворање на дополнителни чартер летови од Полска до Македонија организирани од друг полски тур-оператор, за што сме во преговори долго време, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
На охридскиот аеродром Св. Апостол Павле од 22 јуни почнаа сезонските чартер-летови од Катовице. Еднаш неделно, еден од најголемите полски тур-оператори Рего Бис, со секој лет кон нашиот аеродром носи 220 патници на Охридското Езеро.
Охридскиот аеродром е во подем во изминатата една година, откако бројот на сезонски летови беше значително зголемен со дополнителни четири нови пазари – Полска, Белгија, Израел, Србија. Освен традиционалните сезонски летови од Амстердам со Корендон и Туифлај кои секоја година функционираат кон охрискиот аеродром, во 2016 година чартер-летови од Брисел беа отворени од еден од најголемите европски тур-оператори Томас Кук, а чартер-летови од Тел Авив реализира и израелската авиокомпанија Аркиа.Обновени се и сезонските летови на линијата Белград-Охрид од Ер Србија, додека редовните авиолинии на Виз ер и Германиа Флуг кои функционираат преку целата година од Охрид до Лондон, Базел и Цирих, продолжуваат.
Во првите шест месеци од 2017 година, ТАВ Македонија забележа пораст од 6 отсто на патничкиот сообраќај, споредено со истиот период од минатата година, или на двата македонски аеродроми од јануари до јуни поминале вкупно 860.130 патници.
Со новоотворените рути од скопскиот аеродром Александар Велики до Малта, Рим, Ваксјо и Доха, како и со проширувањето на фреквенциите на постоечките линии, од ТАВ Македонија очекуваат повисока стапка на пораст на сообраќајот во втората половина од годинава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.