Фестивалската сцена на катедралната црква „Света Софија“ во Охрид вечерва резервирана за концертот за францускиот квартет „Диотима“, составен од уметниците Јин Пенг Жао и Констанс Ронцати на виолина, Франк Шевалие на виола и Пјер Морлет на виолончело.
Квартетот „Диотима“ е основан во 1996 година од музичари-лауреати на Националниот конзерваториум за музика во Париз и оттогаш е еден од најбараните ансамбли во светот. Името на квартетот ги отсликува нивните музички афинитети – оној кон германскиот романтизам (Диотима е лик од новелата „Хиперион“ на Фридрих Холдерлин) и кон современата музика (делото на Луиџи Ноно „За Диотима“). Иако се познати по нивните читања на современите композитори, како и по соработките со некои од најголемите музички имиња на денешницата како Хелмут Лахенман, Тошио Хосокава, Брајан Фернејхаф и други, „Диотима“ своите програмски концепти ги комбинира со дела од стандардниот репертоар – особено оние на Равел, Дебиси , Барток, Шуберт, Бетовен, композиторите на Новата виенска школа и Јаначек.
Квартетот настапува на сите европски сцени и фестивали како Берлинската филхармонија, концертните сали во Мадрид, Лондон, Виена, како и во САД, Азија и Јужна Америка, а во периодот од 2012 до 2016 год. се матичен ансамбл на театарот „Комедија“ во Париз. Тие се добитници на бројни музички награди и признанија, како за нивните настапи, така и за снимените изданија. Во 2016 година одбележаа 20 години од постоењето со ексклузивно ЦД-издание на музиката за квартет на Виенската школа. Во сезоната што следи настапуваат во новата концертна сала во Хамбург, во „Концертгебау“ во Амстердам, во Лондон, Вашингтон, Варшава, Букурешт, како и на турнеи во Велика Британија, Шпанија, Русија, САД, Кореја и Јапонија.
На програмата на концертот со почеток од 20:30 часот се избрани дела за гудачки квартет на Шуберт и Равел, како и Лирска свита на Берг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Словенечкиот уметник со светско реноме Дарко Брлек доаѓа на 59-тото „Охридско лето“
-
„Охридско лето“: Поради спецификата на претставата што се играше пред самата сцена на Антички, видното поле од гледалиштето беше намалено, и тоа го најавивме
-
Слаба посетеност на затворањето на „Охридско лето“
-
„Илијада“ во копродукција на СНГ, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија вечерва го затвора „Охридско лето“