Со месеци, кандидатот на Социјалдемократската партија (СДП), Мартин Шулц, се обидуваше – и не успеа – да најде проблем за да ја намали популарноста на конзервативната канцеларка Ангела Меркел. Во разговор со неделното издание на германскиот весник „Билд“, Шулц се осврна кон тоа што е, можеби, Ахиловата петица на Меркел, нејзината политика кон мигрантите од муслиманските земји.
– Во 2015 година повеќе од еден милион бегалци дојдоа во Германија, главно без мониторинг од владата – изјави Шулц за „Билд“.
– Канцеларката ја отвори нашата граница со Австрија од хуманитарни причини, но, за жал, без консултации со нашите партнери во Европа. Ако не дејствуваме сега, ситуацијата може да се повтори.
Меркел им вети на германските гласачи дека нема да се повтори тоа што се случи пред две години, кога стотици илјади луѓе, од кои многумина бегаа од војната во Сирија, пристигнаа во Германија. Бројот на мигранти минатата година се намали, но може повторно да порасне како што луѓето се обидуваат да избегнат политичка несигурност и економски тешкотии на места како Нигерија и Еритреја, а преку северноафриканските земји како Либија.
Повеќе од 70.000 мигранти преминаа преку исклучително ризичниот медитерански премин до Италија во првата половина од оваа година, што претставува пораст од повеќе од 25 проценти од 2016 година. Италија побара помош од другите држави на ЕУ во соочување со новите пристигнувања, но досега беше одбивана. Шулц, кој треба да отпатува за Италија в четврток, вели дека Европската комисија треба да им плати на другите земји-членки да ги примат мигрантите и ја обвинува Меркел за пресметаната пасивност пред изборите во Германија во септември.
– Тие што сакаат да добијат на време и се обидуваат да го игнорираат ова прашање до националните избори се цинични – рече Шулц.
Во екот на бегалската криза во 2015 и почетокот на 2016 година, Меркел и нејзините конзервативни христијански демократи (ЦДУ) паднаа на историски најниско ниво во анкетите за јавното мислење, при што повеќе од 80 отсто испитаниците рекле дека нивната влада немала контрола над ситуацијата. Оттогаш Меркел и нејзината партија се повратија и во моментов водат во однос на Шулц и на СДП за околу 15 процентни поени во анкетите за јавното мислење.
Меркел, која моментно е на одмор и немаше јавни настапи закажана за неделата, не одговори веднаш на критиките на Шулц. И, можеби, нејзиниот главен проблем за прашањето за мигрантите не доаѓа од социјалдемократите.
Напади од други конзервативци
Иако Шулц, можеби, се обидуваше да го искористи проблемот, Меркел, веројатно, нема голема причина да се плаши од нападите од левицата. Помалите коалициски партнери во нејзината актуелна влада како СДП ја поддржаа нејзината политика за бегалците. Поголемата закана може да дојде од десницата, каде што Меркел е значително полиберална од огромното мнозинство конзервативци во Германија и во другиот дел на Европа.
Колку што повеќе расте бројот на мигранти, толку е поголем притисокот да се ограничи протокот на луѓе од Блискиот Исток и од Северна Африка во Европа. Минатата недела, на пример, австрискиот конзервативен министер за надворешни работи, Себастијан Курц, се закани дека ќе го затвори граничниот премин „Бренер“ меѓу неговата земја и Италија ако се зголеми бројот на илегални мигранти во Австрија.
И Меркел, исто така, се соочи голем број критики за ова прашање од баварската сестра на ЦДУ, Христијанската социјална унија (ЦСУ). Во неделата ЦСУ јавно ја прослави својата платформа за изборите, насловена како „Планот на Баварија“. Таа бара годишниот број на бегалци во Германија да биде ограничен на 200.000 – идеја што Меркел ја отфрли.
Претседателот на ЦСУ, Хорст Зихофер, не можеше да одолее да не ја повика канцеларката за ова прашање. Во интервју за весникот „Велт“, Зихофер рече дека сите знаат дека миграциските бранови ќе продолжат. Зихофер предвиде дека одлуката на Меркел да ги отвори границите на Германија ќе ја чини ЦДУ-ЦСУ апсолутно мнозинство на изборите во септември и тврдеше дека конзервативците низ цела Германија се приближуваат до позицијата на ЦСУ.
– Бидејќи ориентацијата кон политиката на бегалците се промени во наша насока, повторно е возможно да се работи со ЦДУ со кредибилитет – рече Зихофер.
Зихофер додаде дека повторното заздравување на конзервативците во анкетите за јавното мислење делумно се намали на една построга линија за мигрантите. И тој се повика на спектарот на десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД).
– Мислам дека сега е најважно да се користи паметна политика за да се стигне АфД под петпроцентната пречка (потребна за парламентарна застапеност во Германија) – рече Зихофер.
– Тоа може да се случи само ако продолжиме да бидеме паметни во нашата политика за безбедност, Турција, бегалците и Европа – рече тој.
Паралелни трендови меѓу мигрантите и популизмот
Врската меѓу политиката за бегалците и АфД не може да се отфрли. Десничарските популисти во Германија направија огромен скок на изборите освојувајќи 20 отсто од гласовите на некои регионални германски избори во 2016 година, со оглед на тоа што ефектите од масовните пристигнувања во претходните години станаа очигледни.
Но, кога балканската бегалска машрута во голема мера беше затворена, бројот на бегалци се намали, а среќата на АфД почна да оди во надолна линија. Партијата моментно привлекува меѓу седум и девет проценти во анкетите за јавно мислење. Падот се должи на несогласувања во партијата, но, исто така, и на општото чувство кај населението дека „кризата“ со бегалците почнува да се надминува.
Губењето на поддршката за АфД грубо се совпаѓа со заживување на конзервативците во анкетите. Но, тој тренд може многу брзо да се смени ако зголемениот број мигранти што доаѓаат во Италија резултира со скок на нови пристигнувања во Германија пред изборите.
Студија објавена од Фондацијата „Бертелсман“ во ноември минатата година покажа дека стравот од глобализација е главен двигател на поддршката за десничарскиот популизам во Европа и дека прашањето за бегалците одигра најголема улога во конституирањето на тој страв.
Политичките научници велат дека мигрантите и бегалците се единственото најголемо прашање што ги инспирира луѓето да гласаат за АфД и дека поддржувачите на АфД имаат тенденција да бидат гласачи за едно прашање. Анализа направена од весникот „Зидојче цајтунг“ по еден од најголемите триумфи на АфД во септември 2016 година покажа дека 82 отсто од гласачите на партијата изјавиле дека миграцијата е главното прашање. А 17 отсто од гласачите рекле дека АфД е најдобро опремена за да се соочи со бегалците, партијата се обидуваше да избега од ниските едноцифрени бројки на прашањето за компетентност.
Сето ова укажува дека зголемувањето на бројот на мигранти во Германија ова лето ќе биде од корист за АфД на изборите и, можеби, ќе има влијание врз обидот на Ангела Меркел да освои четврти мандат како канцеларка.
Извор: „Дојче веле“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.