Православните верници денеска ги слават Светите маченици Кирик и Јулита.
Света Јулита беше од царски род. Беше мажена и во бракот имаше син Кирик. Кога Кирик беше на тригодишна возраст остана без татко, а Јулита без маж. Во тоа време тие живееа во градот Иконија, во областа Ликаонија. Наскоро, кога почнаа прогоните при Диоклецијан, Јулита беше принудена со синот да ја напушти Иконија, па се пресели првин во Селевкија, а оттаму во Тарс, во областа Киликија. А во Тарс се случи нивното мачеништво. Света Јулита беше изведена пред суд како христијанка и ставена на маки пред очите на тригодишниот Кирик. А ова момченце воспитано во христијански дух и самото повика дека е христијанин. Управникот на градот, озлобен од ова смело исповедање на тригодишниот Кирик, го турна момченцето надолу по скалите и го уби. Веднаш потоа беше погубена и мајка му. Така се овенчаа со маченички венец свети Кирик и Јулита во 304 година.
Со овој празник се врзуваат многу верувања. Се верува дека свети Кирик штити од кожни болести, посебно од шуга, па овој ден сите болни треба да се избањаат на извори и реки. Постои и приказна дека Св. Кирик има власт над сончевите зраци и дека со нив лечи.
Некаде постои обичај да се отстрануваат страшила од нивите, бидејќи денеска не се потребни, бидејќи се верува дека Свети Кири штити од птиците грабливки.
Денеска пред се е празник на љубовта меѓу мајата и детето, па жените на денешен ден не смеат да ги караат и да викаат по децата, бидејќи во спротивно ќе бидат болни преку цела година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.