| четврток, 6 декември 2018 |

Врховен одлучи притвор за Грујовски и Бошковски, одземен дипломатскиот пасош на Јакимовски

Ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујовски и неговиот соработник Никола Бошковски од Управата за безбедност и контраразузнавање одат во притвор.

Петчлениот казнен совет, со кој раководи претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, на третиот обвинет кој доби притвор од Скопска апелација, Тони Јакимовски, поранешен шеф на Кабинетот на Гордана Јанкулоска, му ја преиначил одлуката за притвор. Со одлука на Врховниот суд, покрај македонскиот пасош, одземен му е како мерка за обезбедување и дипломатскиот пасош.

Јакимовски работи во СЕЛЕК центарот во Романија. Тој е генерален директор на југоисточниот центар за спроведување на законот. Со тоа што му се одзема пасошот, според неофицијалните информации, тој веќе нема да може да ја извршува функцијата.

Сите тројца се обвинети од СЈО за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало, за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права. Тоа се предметите на Специјалното обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“, кои сега се споени во еден предмет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top