Судот подлегна на притисоците на СДСМ и на нивните поддржувачи. Апелациониот суд отфрли издржани аргументи на одбраната за укинување на мерките на претпазливост само за да изгледа дека одлуката е на средина, односно да не замери СЈО и СДС за отфрлањето на нивните барања за притвор кои беа чисто политички. Обвиненијата на СЈО се покренати апсолутно без било какви докази и аргументи. ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати обвини дека се направени низа правни преседани кои ќе се изучуваат во историјата на правото како не треба да се постапува.
Дека се работи за апсурдни барања и обвиненија без докази, покажува и настапот на обвинителот Гаврил Бубевски. Неговиот настап изобилува со невистини и полн е со претпоставки за кои не постојат никакви аргументи.
Во решението решението на Апелациониот суд стои:
„Јавниот обвинител Гаврил Бубевски наведе дека во целост останува кон писмено поднесената жалба и наводите во истата со дополнување дека во текот на истражни постапки поведени од обвинителството каде обвинетиот се јавувал како осомничен, се праќале покани, но освен поканата од 06.04.2017 година, никој од доставувачите, па дури ниту поштата, ниту ДХЛ не можеле да му ги достават, притоа наведувајќи дека правно истиот е достапен на органите, присутен е во медиумите, а фактички не е достапен. Сите покани освен таа на 06.04.2017 година ги има примено неговото обезбедување, а во конкретниот случај се работи за лична достава. Обвинетиот преку бранителите има доставено и поднесоци каде
што се наведува дека одбрана ќе дадат кога целосно ќе заврши увидот во предметите. Смета дека непречено водење на кривичната постапка ќе биде оневозможено имајќи ги предвид сите околности на неуспешна достава, а се работи за лична достава.“
Ваквите бледи настапи на Бубевски се целосно разобличени од страна на одбраната. Во своето излагање бранителот Боро Тасевски негира дека обвинетиот одбил да прими покана.
-Не се точни наводите дека обвинетиот одбегнува да прими покана, бидејќи обвинетиот ја исполнил својата обврска кон обвинителството, дал исказ пред обвинителството, па нејасно е инсистирањето на обвинителството да креира ситуација дека на обвинетиот кој е јавно достапна личност не може уредно да му се достави покана. Обвинетиот со поднесок до обвинителството побарал да биде извршен увид во сите списи на предметот, наведувајќи дека кога тој ќе смета дека треба да даде исказ тоа ќе го направи, ова од причина што давањето исказ е негово право, а не обврска – стои во излагањето на адвокатот.
Дека станува збор за инструирана политичка хајка се потврдува и од настапот на колегата на Бубевски, обвинителот Бурим Рустеми.
-Јавниот обвинител Бурим Рустеми наведе дека однесувањето на обвинетиот во текот на истрагата допридонело према обвинетиот да бидат изречени мерки, бидејќи истиот избегнувал контакти со обвинителството и не се јавувал на поканите, а неговата цел била да се попречува истрагата – стои во решението на Апелациониот суд.
На овие манипулации од СЈО одбраната одговорила со аргументи:
-Бранителот Петар Василев наведе дека не се точни тврдењата на Јавниот обвинител дека со барањето за увид имале интенција да ја одолговлекуваат истрагата, бидејќи обвинителството сакало со рачен увид да направат препис на докуметити, а кое нешто не е коректно ниту према обвинетиот ниту према неговите бранители. – се наведува во одлуката на Судот.
За разлика од политичките настапи на СЈО , одбраната докажа дека токму Катица Јанева и нејзините соработници се тие кои ги опструирале предметите и законот, доведувајќи ја одбраната во подредена позиција. Со аргументи и докази одбраната му посочи на судот дека практично цела година не и било дозволено да изврши увид во доказниот материјал , иако тоа им е обврска согласно закон.
-Бранителот Сања Алексиќ, адвокат од С. наведе дека на одбраната и се доставени 5.178 документи односно 26.969 страници доказен материјал, па оттука одбараната не е виновна што се обратила со поднесок до обвинителството со молба и барање да се копираат списите со цел да се видат доказите, но на ваквите барања прв пат дозволен увид бил на 14.02.2017 година, односно една година после првиот поднесен поднесок. Не станува збор на избегнување на обвинетиот да ги прими поканите, туку исполнување на неговите законски права што се предвидени согласно законите. Бранителот наведе дека обвинетиот при секое излегување надвор од границите на Р.М., уредно го пријавувал отсуството во обвинителството за што доказ се поднесоците кои се наоѓаат во обвинителството -се наведува во Решението.
На ваквиот однос на СЈО свој став изнесе и Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој е прва цел на Катица Јанева и СДСМ.
-Никола Груевски наведе дека не постои основ да сторил кривично дело и прекршок за да се плаши и да помисли да бега. Убеден е дека против него и против неговите соработници се води хајка од страна на СЈО, дополнувајќи дека обвинителството нема и не може да има било какви докази против него, а единствен доказ против него е исказот на неговиот политички опонент – стои во исказот на Груевски.
Професорката Татјана Каракамишева смета дека веќе три години судовите, СЈО, па донекаде и ЈО се однесува како за едни да е мајка, за други вештерка:
-Постојат двојни стандарди, правото не се применува врз основа на докази, имаме селективност како што им одговара на одредени политички субјекти и одреден сценарист кој „му ги дува мускулите“ на Заев. Имаме школски пример за тоа како не треба да се применува правото во услови кога имаме цивилизациски придобивки за неселективност и законитост. Во Македонија имаме брутално масакрирање на човековите слободи и права, атакување врз државни институции и никој не реагира. Имаме селективен пристап во примената на законите и човековите права.
И ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати го искажа својот став за начинот на постапување на СЈО.
СЈО е партиска испостава на СДС. Нејзината работа е селективна и има за цел да крева димни завеси секогаш кога нејзината матична партија и Зоран Заев прават пазари со националните и државните интереси. Во таа насока се и селективните и тендециозни обвиненија кои ги креираат за функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Целта е елиминација или ослабување на ВМРО-ДПМНЕ со цел слабеење на државата. Гревот поради кој се води оваа хајка против ВМРО-ДПМНЕ е тоа што не отстапуваме од одбрана на државните и национални интереси. Работата на СЈО нема никаква врска со правото – посочија од партијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.