Конформистичка и политичка одлука донесе скопска Апелација со отфрлувањето на барањата за враќање на пасошите за поранешни функционери, за кои СЈО отвори предмети. Беа отфрлени и барањaта за притвор на Специјалното јавно обвинителство. Со објавување на решенијата на Апелациониот суд Скопје целата јавност, вклучувајќи ја и стручната фела, може да се увери дека правото и правдата немаат никаква допирна точка со одлуките што се донесени. Обвиненијата на СЈО се крајно неаргументирани, целта е јасна – да се врши политички прогон на ВМРО-ДПМНЕ инспириран од СДСМ, што не дава простор за определување мерки за претпазливост.
Се чини судот воопшто не ги зел в предвид аргументите на одбраната кои биле приложени во рамките на поднесената жалба. Алепациониот суд, судејќи според донесеното решение решил да оди по линија на помал отпор и ги отфрли барањата на одбраната за укинување на мерките на претпазливост, иако истите, според одбраната, биле поткрепени со издржани аргументи, а како божемна утеха и показател за некаков баланс ги отфрлил и барањата на Специјалното јавно обвинителство кои беа чисто политички. Барањето за притвор на СЈО беше апсурдно, неосновано и политичко. Дека нема основа за притвор одлучи и првостепениот суд кога констатираше дека не постои никаква опасност за бегство. Тогаш не постои ниту логично образложение патните исправи на луѓето кои се предмет на политички прогон на СЈО да бидат одземени. Сите тие редовно се појавувале пред суд, биле достапни за институцијата.
Токму поради тоа, при носењето на решението Апелациониот суд многу повеќе се трудел да се оправда пред СЈО зошто смета дека не треба да го прифати нивното барање за изрекување на мерка притвор.
Првостепениот суд правилно оценил дека во оваа фаза на постапката, примената на мерката притвор не е оправдана и дека со примена на поблаги мерки за обезбедување на присуство на обвинетиот, како што се определените мерки на претпазливост – обврска за јавување во судот и привремено одземање на патната исправа, успешно ќе се елиминира опасноста од бегство, со образложени причини кои овој суд ги прифаќа – стои во решението на Судот.
И експертите сметаат дека нема никаква логична ниту правна издржаност за да се донесе одлука за одземање на патните исправи. Сметаат дека се работи за директен притисок врз судот од страна на СЈО и СДСМ. „Република“, повикувајќи се на извори од скопска апелација, вчера објави дека Судот бил под невиден притисок како од СЈО така и од власта и од претставници на едно странско дипломатско претставништво во земјава. Целта на сите е иста – притвор и политичка хајка врз целото раководство на една политичка партија. Се работи на оцрнување и дефокусирање од главните предизвици пред кои што СДСМ ја исправија Македонија.
Странска амбасада преку Апелација се обидела да му помогне на Заев за локалните избори
Универзитетската професорка Тања Каракамишева потенцира дека ова решение само покажува дека не се работи за хајка за сторени криминални дела, туку за политичка хајка.
„Оваа хајка не е за сторени криминали, туку за да се оцрни во јавноста раководството на ВМРО-ДПМНЕ, да бидат елиминирани , сѐ со цел сценаристот и Заев да ги реализираат сите политики што им се ставени на маса за да не избришат од европската карта на народи. Сето тоа е провидно, а судството не би требало да потклекне под овие притисоци. Доколку судиите сакаат да го применат правото и објективните докази треба да се држат до Уставот и меѓународните договори што ги има ратификувано Македонија, и да не потклекнуваат по притисоците што се зачестени во последните неколку недели. Убедена сум дека во судството има луѓе со интегритет што не се плашат да преземат чекори во насока на заштита на правдата во Република Македонија“, рече Каракамишева.
Додаде дека веќе три години судовите, СЈО, па донекаде и ЈО се однесува како за едни да е мајка, за други вештерка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.