Министерот за култура Роберт Алаѓозовски десет дена од почетокот на најголемата културна манифестација во Македонија го смени нејзиниот директор: Оливер Арсовски со „декрет“ од Алаѓозовски во петокот престана да директорува со фестивалот.
Официјалното образложение на Алаѓозовски, наводно, било поврзано со инспекциите што биле пратени до фестивалот пред извесно време.
Вакви инспекции се пратени кај сите директори на институции за кои Алаѓозовски смета дека се блиски до минатата власт, или како што тоа Петрит Сараќини и Алаѓозовски го изнесоа официјално во соопштение при разрешувањето на Јелена Жугиќ и на Братислав Димитров – станувало збор за кадри „под контрола на Никола Груевски“.
Тактиката на Алаѓозовски е да се пратат инспекции што имаат налог по секоја цена да најдат причина поради која директорот на одредена институција ќе биде сменет. Таму каде што нема никаква, ќе се измисли, а ако и тоа не е можно, ќе се каже дека „биле под контрола на Груевски“ – велат анонимни извори на ваквите случувања во последниот период.
„Еден од инспекторите ми рече: подобро е јас да ти најдам нешто и да те казнам, што било , отколку по мене да ти дојде финансиска полиција“, вели еден анонимен раководител на институција во која Алаѓозовски пратил вакви инспекции.
Нејасно е што е најдено кај директорот на „Охридско лето“, дали некоја ситница, која инспекторите само за да ја задоволат наредбата на Алаѓозовски ќе ја толкуваат како оштетување на буџетот или, пак, Арсовски е сменет поради што и тој, можеби, е „под контрола на Никола Груевски“.
Официјална информација не може да дознаеме – на официјалниот сајт на Министерството за култура, последно соопштение до јавноста е срамното комунике во кое Роберт Алаѓозовски со фашизоидна реторика признава дека менува директори на институции поради сомнеж за политичка неистомисленост со СДСМ.
Дури и најврдокорните приврзаници на СДСМ коментираат вака: „Менувањето, на десетиот ден од почетокот на фестивалот ’Охридско лето‘ на директор, не да е срамен чин, туку е чин за секаква осуда и од принципиелен од морален и од етички карактер“, стои во текстот на „Охрид скај“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.