Во врска со одредени изјави на експертите блиски до СДСМ со кои се врши притисок врз Апелација да одлучува за политички притвори и според желбите на СЈО, побаравме изјава од еден од адвокатите на одбраната, Димитар Дангов.
Тој посебно се осврна на последната изјава на поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски во врска со одлучувањето на скопска Апелација, при што го замолува за воздржување од јавно изнесување на неговото мислење за судските предмети кои не му се достапни и за кои нема увид во писмените и вербалните докази.
-Вашето мислење за некакво влијание на докази во постапката, или можноста за нечие бегство, уште помалку за судски исход на постапките, нема поткрепа во никакви релевантни факти. Очигледна е намерата да упатите порака, но и вам ви е познато дека вашиот објективен однос кон предметите ги ограничува вашите можности да вршите точни проценки по темите кои ги прогнозирате. Се разбира дека и се да ви е достапно, не е професионално и легитимно да зборувате за тоа па дури и како граѓанин. Со полн респект кон вашиот авторитет, ве замолувам како колега да не вршиме повреда на основните човекови права, вели адвокатот Дангов.
Оваа реакција на Дангов доаѓа после изјавата на Јован Трпеновски кој ја застапува чудната и нелогична теза дека „обвинетите би можеле да вршат влијание врз лицата кои треба да бидат распитани во постапката“ и поради тоа требало да им биде определен притвор – иако е јасно дека сите сведоци веќе имаат дадено искази врз кои СЈО се потпира како и фактот дека секоја промена на исказите претставува кривично дело. Тука не смее да се заборави и тоа дека обвинетите не се наоѓаат на никаква државна функција во моментот од која би влијаеле врз сведоците, нешто што Трпеновски непромислено го инсинуира.
Дополнително, Трпеновски оди и чекор понатаму во апсурдите тврдејќи дека „постои опасност и од бегство на некои од обвинетите“, нешто што ниту досегашната пракса во хајките од СЈО ниту здраворазумската логика на секој жител на Република Македонија не може да го прифати како можност. Освен, се разбира, доколку не се работи за нарачана изјава на експерт близок до СДСМ за кој своевремено се шпекулираше и дека е на списокот на платени советници на СЈО.
Покрај Трпеновски и низа други ангажирани експерти блиски до СДСМ деновиве вршат притисок врз скопска Апелација да донесе политичка одлука за притвор на обвинетите според желбите на СЈО, а не според фактите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.