| четврток, 6 декември 2018 |

Интерпол: Џихадистите од ИСИС подготвени за нови напади во Европа

Интерпол предупредува за  173 милитанти на ИСИС кои се обучени за бомбашки напади низ Европа. Според британски Гардијан, Интерпол на 27 мај составил список на веројатните терористи со помош на информации најдени во скривници на Исламска држава. На листата се имињата на осомничените џихадисти, датумите кога биле регрутирани, последните познати адреси, џамиите во кои се молеле и имињата на нивните мајки со најдените фотографии.

Во документот на Интерпол осомничените се опишани како „група екстремисти обучени за составување и подметнување импровизирани експлозивни уреди со цел предизвикување смрт и сериозни повреди“, па додава дека тие „имаат можност за меѓународни патувања и учество во терористички активности“.

Информациите ги собрале американските разузнавачки служби кои ги предале на ФБИ, а американската агенција му ги проследила на Интерпол, кој потоа ги предупредил европските партнери на можните напади.

Во документот е наведено и дека осомничените „биле идентификувани со помош на материјали најдени во засолништа на ИСИС, а сите изјавиле дека се спремни да извршат самоубиствени напади“.

Интерпол изјави дека редовно испраќа информации за закани од барани терористи и криминалци преку безбедни глобални комуникациски канали, а побарал од партнерите на организацијата да ѝ проследат какви било информации кои може да ги имаат за наведените џихадисти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top