Очигледни се двојните аршини во спроведувањето на правото. Правдата за некои е маќеа, а за некои мајка. Зоран Заев преку игнорирање и непочитување на судот, преку флагрантно кршење на легислативата и прописите е со уредна патна исправа и против него нема постапка за одземање на пасошот. За разлика од него, Груевски кој се одзива секогаш кога имал уредно доставена покана од СЈО, кој што е редовен на сите рочишта за судењето за случајот со општина Центар и до сега ниеднаш не ја повреди процедурата, има одлука на основниот суд за одземање на пасош.
Зоран Заев за случајот „Поткуп од 200.000 евра“ очигледно се исмева со судот и го избегнува судењето. Во прва фаза тој јавно кажа дека не го признава судот и дека сите негови одлуки се невалидни , по што и не се појавуваше на рочиштата. Потоа премина во фаза кога се служеше со очигледни лаги да не се појавува на судење. Па така во јавноста излезе со цела лепеза на неиздржани и ступидни оправдувања.
Една од неговите лаги беше дека морал да се сретне со италијанскиот амбасадор и затоа не можел да присуствува на судење. Не само што се испостави дека не се сретнал со амбасадорот, туку и дека се сретнал со негов пријател од Струмица кој го претставува како конзул. Меѓу лажните оправдувања е и дека имал партиски состаноци и дека поради тоа не можел да присуствува на судење. Провидно беше оправдување на Заев за избегнување на судењето и правдата и со тоа дека морал да присуствува на седница на влада која, патем, ја закажува лично тој, со утврдување на терминот на нејзино одржување. На сето тоа судот остана индиферентен а обвинителството не покрена барање за одземање на пасош. Се работи за криминален случај каде Заев од позиција на градоначалник е снимен со ПИМ мерки како бара поткуп од 200.000 евра од струмички бизнисмен.
Наспроти ова Груевски иако до сега не ги прекршил легислативните процедури и е редовен на судските рочишта, СЈО преку брутален политички, партиски, но и надворешен притисок, издејствува одземање на пасош на лидерот на опозицијата, загрозувајќи ги со тоа неговите основни права и креирајќи монструозна политичка хајка. Двојните аршини го покажуваат бруталното кршење и газење на правната држава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.