| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се одбрани ли судот со одлучување според фактите: Продолжуваат политичките притисоци врз Апелација да одлучува по желба на СЈО

Додека течат роковите од 48 часа во кој Апелација треба да се изјасни и за жалбите по вчерашната јавна седница, судот се соочува со притисоци да одлучи по желбите на СЈО. Дел од екпертите посочуваа дека се врши притисок врз судот преку кревање хистерија, а сето тоа во недостиг на правни аргументи. Токму поради немањето никаква правна основа, се брза со барањата за апсење. Познавачите на правото сметаат и дека практично без никакви аргументи се отфрлаат барања на одбраната за укинување на мерките за претпазливост. Меѓу тие притисоци е и изјавата на адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, кој доколку не се исполнат желбите на СЈО им порача дека на тоа ќе се гледа дека „судството не работи“.

-Дали судството е разбудено и почнало да работи и да размислува ќе видиме во првите предмети кои Основното јавно обвинителство ќе ги поднесе со предлог за мерка притвор, па да видиме дали вака ќе се однесува и ќе цени судот. Тоа е многу важно, ќе ни покаже дали се уште е „сваровски“ на дело или навистина судството почнало да размислува, вели адвокатот Ѕвонко Давидовиќ за Алсат телевизија.

Секоја одлука донесена спротивно на онаа од Основниот суд Скопје 1 ќе биде преседан и доказ дека судството потклекнало на притисоците на СЈО во спрега со власта.

Во вчерашната изјава, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски излезе со јасен и дециден став. Груевски порачува дека и продолжува политичкиот театар и прогон од страна на СЈО, но тој планира на следните избори да победи и ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт.

-Јас тука се пријавив да одговорам на сите нивни лаги и невистини кои ги искажуваа во изминатиот период и да им порачам дека јас планирам на следните избори да победам, како политичка партија, како водач на политичка партија и повторно ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт, а не да бегам од земјата. Тоа е мојата главна порака. Никогаш не сум избегнал покани на СЈО, кога сум добил покана сум се јавил во СЈО, а секогаш при патувањата сум ги известувал дека патувам, иако не сум имал обврска за тоа. Секогаш уредно сум ги известувал кога сум имал најчесто кратки патувања- рече Груевски во изјава дадена пред судот.

Од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите денови апелираа дека судот мора да работи по словото на законот и никако поинаку и предупредуваа на притисоци со кои истиот се соочува.

-Недозволиво е да потклекнува под партиско политичките притисоци на СДС и нивната испостава СЈО. Впрочем дека судот потпадна под ваквиот невиден притисок е и последната одлука за одредување на притвор спротивно на правните аргументи. Оваа одлука е скандалозна од причина што при носењето не биле земени аргументите на одбраната, туку е водена исклучиво според барањата и диктатите на СЈО. Оваа хајка во која сега директно се вклучи и судот е крајно тенденциозна и има за цел да изврши удар врз функционерите и самата партија ВМРО-ДПМНЕ. Ова сценарио има за цел да ги руши позициите на Македонија во пресрет на распродажбата на националните и државни интерeси кои на големо ги подготвува Зоран Заев- истакнуваа од ВМРО-ДПМНЕ.

За политичките аналитичари целта на барањата кои СЈО неосновано ги поднесува до судот не е ништо друго туку оцрнување на ВМРО-ДПМНЕ.

-Не треба да говориме за тоа дали е или не е политички орган СЈО бидејќи начинот на кој беше избрано го прави политички орган. Сето ова е продукт на една хибридна војна која се изучува во светот последните 70 години, но не сме биле сигурни колку тоа земало замав. Во таа хибридна војна некои работи воопшто не се ни решаваат. Главната цел било да се тргне оваа партија (ВМРО-ДПМНЕ) која е на власт бидејќи ги застапува националните интереси, а на нас ни треба слепо послушна влада која ќе ги исполнува целите кои некој ги зацртал во геополитиките. СЈО како еден орган ги спроведува овие работи- вели политичкиот аналитичар Александар Даштевски.

СЈО откако се создаде гледаме дека се претвори во партиска полиција на СДСМ, а СДСМ посакува да има свое партиско обвинителство, полиција, а гледаме дека тежнее или ита кон тоа да направи и партиско судство, вели аналитичарот Никола Србов.

-СЈО докажа дека е партиска инквизиција во Република Македонија и потребно е секој не истомисленик на СДСМ да биде дисциплиниран преку монтирани случаи и да биде обвинет и истиот да биде затворен, но пред се целта е тој да биде оцрнет и понатаму да не може да делува политички. Целта на СЈО е да се урне политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, да се оцрни нивниот лидер како и оцрнување на раководството, бидејќи тој лидер е единствен кој што направил толку големо обединување на политичката десница во државата, но и помеѓу самите граѓани и лидер кој добил нај веќе гласови на парламентарни избори- смета Србов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top