Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација Војдан Стојановски не го криеше задоволството по синоќешниот триумф над Холандија, истакнувјаќи дека нашата селекција вложи дополнителен напор во второто полувреме за да стигне до посакуваната победа. Капитенот Стојановски ги пофали соиграчите за борбеноста во вториот дел, а се надева дека турнирот ќе го завршат без пораз по утрешниот и последен дуел од „Трофеј Македонија“ против репрезентацијата на Босна и Херцеговина.
– За разлика од бездушното прво полувреме, повеќе се боревме во последните 20 минути, кое беше друга приказна. Во првото полувреме игравме без енергија, не се движевме доволно во нападот, па моравме да се вадиме на одбраната. Беше тешко да се вратиме резултатски, мислам дека потрошивме многу енергија за да ја обезбедиме оваа победа. На паузата се договоривме да бидеме поагресивни под обрачот, да се бориме до крајот, но да се бориме машки, па и да изгубевме 20 разлика барем ќе знаевме дека сме дале се од себе. Но, уште повеќе ме радува што со борбата издвоивме тежок, но заслужен триумф. По дуелот со БиХ ќе добиеме една слика околу ситуацијата во тимот, се надевам дека турнирот ќе го завршиме без пораз, а тоа да ни биде дополнителна мотивација за претквалификациите – изјави Стојановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.