| четврток, 6 декември 2018 |

Самохраната мајка Матиќ: Ја изневерив ќерка ми, затоа ќе се борам до крај

Со највисоки признанија и достигнувања и со животна борба како да се биде добра самохрана мајка, врвен работник и извор на егзистенција за своето дете, Катерина Матиќ, која пет години работела како државен советник во Агенцијата за храна и за ветеринарство, доби отказ без никаква претходна најава или опомена. Таа за „Република“ вели дека ѝ е направена голема неправда и дека ќе ги искористи сите можни правни инструменти во државата  за си го поврати работното место и да си ја поврати својата чест

Јавноста е веќе запознаена, а и сами споменавте дека Вие сте самохрана мајка на седумгодишно девојче, сами сте се бореле за егзистенцијата на своето дете. Како Катерина ќе продолжи со борбата сега?

Матиќ: Да, јас сум веќе пет години самохрана мајка, меѓутоа, за среќа, моето дете имаше двајца родители, иако јас некако успевав да се грижам за мојата ќерка, сепак таа имаше уште еден жив родител со кој се гледаше, со кој живееше, со кој се сакаше за пред три месеци нејзиниот татко ненадејно да почине. Ние сѐ уште живееме со таа болка, тоа за нас е отворена рана, која многу боли. Сѐ уште е болна тема. Уште не е ни поминат периодот на тагување, посебно за мојата ќерка, бидејќи таа сѐ уште не сака да го прифати фактот дека него веќе го нема. Дека нема да може да ја прошета во парк, дека нема да може да ја носи на базен, дека нема да дојде на приредба да ја гледа. Таа е многу успешна во пеење, освои и неколку награди и секогаш е тежок моментот дека недостига таткото за да може да ја пофали или да ја поттикне да биде уште подобра.

По ова што ми се случува јас, искрено, не знам како би продолжила понатаму, нормално дека нема да се предадам, ќе барам работа, меѓутоа не знам колку тоа би траело временски.

Кои се следните чекори што ќе ги преземете во врска со Вашиот отказ?

Матиќ: Секако дека ќе продолжам со борбата, тоа е карактеристика на самохраните мајки. Цело време да се борат во животот за своите деца, за нивната иднина, за нивниот подобар живот. Посебно во ситуација во која знаете дека сте праведни и дека ви се случува неправда. Ќе ги искористам сите можни правни инструменти во државата за прво да си го повратам работното место и, секако, да си ги повратам својата чест, углед и достоинство бидејќи во потрагата по пристоен живот човек се труди и да ја гради својата кариера, меѓутоа и својот углед и интегритет. Со тоа што ми го направија тие згазнаа на моето достоинство. Верувајте, јас бев последната што си оди од работа, јас требаше да внимавам на сите што работат како работат и ова што ми се случува сега е толку неправедно, да добијам отказ од работа поради тоа што не сум била на работа, односно добив отказ затоа што не сум се забележала со електронска картичка за која имав пријавено дека ми е загубена. Во подготовка е тужба до Агенцијата за администрација, која е надлежна, и се надевам дека комисијата ќе ги цени објективно доказите и сите факти и дека ќе донесе поништување на решението за отказ.

Ќерка ми беше многу вознемирена не дека јас се најдов во оваа состојба туку од фактот дека сите дознале дека таа нема татко, ние сѐ уште се бориме психички таа да се стабилизира, да прифати дека, едноставно, мора да продолжиме понатаму да живее само со еден родител, дека нема татко. Поради овие немили настани што ми се случија и ме затекоа јас морав мојата тага да ја поделам со цела јавност. Дури и да го изневерам свето дете, кое ме моли тоа да остане тајна меѓу нас. Затоа ова ме прави уште посилна, затоа ќе се борам до крај.

(Целиот разговор е објавен во 255. број на неделникот „Република“, 21.07.2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top