Исклучитено возбудливи беа првите неколку денови на Патувачкото кино на „МакеДокс“, кое прво ги почна проекциите во областа Порече, поточно во селото Крапа на 12 јули, а потоа целата екипа замина на тридневниот музички „Д-Фестивал“, кој се одржуваше од 14 до 16 јули во Дојран.
Со цел да се задоволи потребата за културна децентрализација и реанимација на руралните области во Македонија и со желба да се сподели искуството на гледање документарни филмови со што е можно поголем број луѓе, екипата на „МакеДокс“ од 12 до 25 јули е на своето осмо Патувачко кино, годинава во областа Порече.
Првата проекција на Патувачкото кино на 12 јули се случи во селото Крапа, едно од најстарите населени места во Поречката област. Постојаните жители на селото со голема љубопитност ја пречекаа екипата на Патувачкото кино. Сместено во котлина омеѓена со стрмни планински падини и тесен пат кој води до селото, мештаните немаат толку често посета од патници-намерници и затоа доаѓањето на екипата на „МакеДокс“ беше поводот сите да се соберат пред филмското платно. Чистиот планински воздух, недопрената природна убавина и небото исполнето со густа мрежа од безброј ѕвезди го создадоа вистинскиот амбиент за долга филмска ноќ исполнета со филмови и разговори во Крапа.
Втора година по ред Патувачкото кино на „МакеДокс“ е дел од програмата на музичкиот „Д-Фестивал“ во Дојран. Годинава „Д-Фестивал“ се одржа во невообичаени за овој период временски услови, со целодневни врнежи на дожд проследени со, на моменти, силен ветар. Токму таквите услови создадоа атмосфера на здруженост, помагање на пријатели во невоља со поплавени шатори, но и исклучително позитивно расположение меѓу сите учесници и посетители на сите фестивалски сцени во неговото најпосетено издание досега.
Патувачкото кино на „МакеДокс“ своите проекции ги реализираше на Church stage, односно во црквата „Св. Илија“ во Стар Дојран. Во програмата беа вклучени документарни филмови со музичка тематика, а годинава беа прикажани седум филмови, и тоа: „Мојот превртен свет“ (My World Upside Down) на Петра Селишкар и Бранд Ферро, „Барајќи го Шугармен“ на Малик Бенџелул, „Депонија“ (Waste Land) на Луси Вокер на 14 јули; „Чија е оваа песна?“ на Адела Пеева и „Во потрага по Фела“ на Алекс Гибни на 15 јули; „Марта и Ники“ на Тора Мортенс и „Анплагд“ на Младен Ковачевиќ на 16 јули.
Временските услови во Дојран создадоа неверојатна можност организаторите на „Д-Фестивал“ два концерти, еден од главната сцена и еден од Москито-сцената, да ги пренесат на Church stage, на која Патувачкото кино ги имаше своите проекции. Така се случи африканските блузери Али Фарка Туре бенд и одличниот унгарски бенд „Месечинка“ да настапат буквално во спалната соба на екипата на „МакеДокс“.
Првата вечер на Патувачкото кино во Дојран меѓу посетителите беше и македонскиот поет Никола Маџиров, кој ја остави оваа белешка:
„Несониците кои денес ме следат како диви животни, во детството беа поврзани со возбудата пред неделните патувања во Дојран; и мирисот на празните школки во кои ги баравме замислените бисери на отуствата; и сенката на јаворот која досегаше токму до езерските длабочини кои ни беа дозволени; и отвореното небо над разрушената црква Св. Илија кое како да кажуваше дека Бог е поблизок без покриви и икони. По повеќе од триесет години во истата црква, осведочив два прекрасни филма чиј јазик беше помоќен од светлината на молњите што доаѓаа од новите прозорци кои требаше да изгледаат древно. Драгиот пријател Тони ми рече дека како дете Бранд Ферро често доаѓал во Св. Илија, и надвор од естетската треперливост по проекцијата на My World Upside Down на Петра Селишкар, ноќта како да беше судир на обновени детства, како личносен одговор на историското време врз обновените ѕидови на црквата“, напиша Маџиров.
Првпат во рамките на Патувачкото кино е вклучена работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“, на која учествуваат 12 млади филмофили на возраст од 15 до 18 години од Скопје, Тетово, Прилеп и Битола. Тие веќе се придружија на екипата на „МакеДокс“ и од Дојран заедно со Патувачкото кино пристигнаа во селото Манастирец, каде ќе бидат сместени и каде ќе се одвива првата сесија на работилницата.
Втората сесија на „Докуникулци“ ќе се случи за време на фестивалот „МакеДокс“ во август, додека завршната сесија ќе биде реализирана наесен во Скопје. Работилницата се реализира со поддршка од Националната фондација за демократија од Вашингтон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Македокс“: Главна награда „Кромид“ за најдобар филм ја доби „Далечниот лаеж на кучињата“на режисерот Сајмон Леренг Вилмонт
-
Панел-дискусија со Вито Флакер, Дамијан Ненадиќ и Ана Замецка на „МакеДокс“
-
Студентската програма на „МакеДокс 9“
-
Избрани четири нови идеи за снимање документарен филм во рамки на проектот „Докуникулци“