Раководството на Бостон селтик објави дека потпишало договор за само еден ден со Пол Пирс, исполнувајќи ја желбата на клупската легенда да се пензионира како член на селтикси. Иако својот последен натпревар во НБА-лигата го одигра за тимот на ЛА клиперс, Пирс не ја криеше приврзаноста за „зелените“ од Бостон, екипата во која ги мина првите 15 сезони од својата фантастична НБА-кариера.
„За мене е чест што повторно можам да се наречам дел од Бостон селтикс. Ова е клуб, ова е град кој ме зеде под свое и во кој минав неверојатни моменти, затоа ова е најубавиот начин да се каже крај на кариерата. Јас сум „селтик“ за цел живот“ – изјави Пирс.
Пол Пирс е рекордер во неколку категории во Бостон, по бројот на постигнати тројки (1823), слободни фрлања (6434) и украдени топки (1583), додека со 24021 поен е втор најдобар стрелец во клупската историја.
Најголем успех дефинитивно му е освојувањето на титулата во 2008 година, кога селтикси во финалето го совладаа тимот на ЛА лејкерс, а Пирс беше избран за МВП на финалната серија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.