Концерт на пијано и тромбон ќе одржи дуото Рибарски во вторник 18 јули од 20 часот во изложбениот салон на ЦК„Марко Цепенков“. Концертот е во рамките на Прилепското културно лето што го реализира ЦК„Марко Цепенков“.
Милица Шперовиќ на пијано и Кирил Рибарски на тромбон, по повод 40 годишнината од нивното заедничко музицирање, ќе изведат исклучително добра програма во која се застапени дела од Дебиси, Равел, Шопен, Крајслер, Монти, Рибарски и др. автори.
Пијанистката МИЛИЦА ШПЕРОВИЌ-РИБАРСКИ е родена во Битола каде го започнува своето музичко образование. Дипломира пијано на Факултетот за музички уметности во Белград. Специјализира пијано во Париз, во класите на Алдо Чиколини и Владо Перлемитер. Магистрира на ФМУ Белград во класата на Олга Михајловиќ. Таа е првиот магистер по пијано во Македонија.
Концертира како солист и како член на Дуо Рибарски во 30 земји на Европа, Азија, Северна и Јужна Америка, меѓу кои: Франција, Англија, САД, Канада, Италија, Белгија, Шпанија, Јапонија, Германија, Шведска, Норвешка, Русија, Полска, Чешка, Бразил, Кина. Како редовен професор на ФМУ Скопје оформила класа пијанисти и педагози.
Снимила музика за РАИ, Австриско радио, ТВ Глобо-Бразил,ТВ Франција, ТВ Тирана, ТВ САД И сите јујословенски ТВ центри.
Снимила 4 ЛП и 5 компакт дискови со солистичка и камерна музика.
Член е на жири на Интернационални натпревари во: Македонија и странство: Неапол, Равена, Сасари, Трани (Италија), Казахстан-Астана, Загреб, Ниш, Приштина, Тирана. Оснивач е и уметнички директор е на фестивалот Интерфест-Битола (од 1992 год.) и Интернационалниот Интерфест пијано натпревар ( 2001 год.).
Тромбонистот КИРИЛ РИБАРСКИ е роден во Штип каде завршува Средно музичко училиште во класата на проф. Методи Докузов. Дипломира тромбон на Музичката академија во Љубљана, а магистрира на Музичката академија во Загреб.
Добитник е на 13 државни и интернационални награди меѓу кои: ” Прешернова награда” Љубљана, “ Вјесникова Награда”-Загреб, Прва Награда на “ Х Југословенско такмичење”, Загреб, “Драган Гиртл”-Загреб, “13 Ноември на град Скопје”, “Златна лира”.
Редовен професор е на ФМУ “Гоце Делчев” и Визитинг-професор на ФМУ Приштина.
Концертира во 37 земји на 5 континенти: Европа, Азија, Северна и Јужна Америка и Африка. Настапува со целовечерни рецитали и како солист со бројни камерни, симфониски и филхармониски оркестри меѓу кои: Симфониските оркестри на Сао Паоло, Ст. Андре, Кампинас (Бразил), Новосибирска филхармонија,Симфонискиот оркестар на Киров, Русија, Симфониета Монтреал, Канада, Симфонискиот оркестар на Каиро, Египет, Македонска Филхармонија, Белградска филхармонија, Загребачка филхармонија, Симфониските оркестри на РТВ Љубљана, Нови Сад, Сараево, Приштина; Камерните оркестри; Ротердам Камероркест, Загребачки солисти, Оркестарот От Норманди ,Камерниот оркестар на Екс Прованс, Франција, Камерниот оркестар на МРТ, Камернито оркестар на Дубровник и други.
Снимил музика за: РАИ, Австриско радио, ТВ Глобо, ТВ Франција, ТВ Русија, ТВ Тирана, ТВ Казахстан, ТВ САД и сите југоловенски ТВ центри. Снимил 2 ЛП и 5 компакти за ЕМС-Брисел, Дисковер-Германија и САД. Неговата уметност инспирирала многу домашни и странски композитори кои му посветија 56 композиции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.