| четврток, 6 декември 2018 |

Кога невладино-владините револуционери ќе стивнат

Никола Србов

Се вдомија и замолкнаа, ги оставија улиците и паролите, ги стегнаа вратоврските и влегоа во своите канцеларии. Нашите „револуционери“ со тарифник, кои врзуваа кубанско со американско знаме, југословенско со албанско знаме и советско со ЛГБТ-знаме, не само да ти биле неуки за револуција, туку не ја научиле ни основната мантра на левичарењето „револуцијата никогаш не запира“. Ги соблекоа маичките со ликот на Че Гевара. Да можеше да ве види Че, како му го користите името за фотелја, мислам дека ќе ве построеше рамо до рамо како што ги строел луѓето на Батиста во Куба.
Левичари кои врска немаат од пушка во едната и лопата во другата рака, плати им да покажат незадоволство и ќе излезат на протест „No pasaran“, плати им да покажат задоволство и ќе стивнат, ќе станат афирмативни, тастер „револуционерите“ ќе пишуваат досетки на социјални мрежи. Ако се градеше држава на Фејсбук, Македонија сега ќе беше нуклеарна сила.
Но сепак, мора да ви се признае дека имате нешто заедничко со црвената буржоазија, како вистински наследници ги изедовте децата на „револуцијата“, тие си ја одиграле својата улога на „фронтот“, биле користени за масовност. Тие навистина ги жалам, нивниот грев бил дека имале трошка идеал во себе, тие луѓе навистина биле во идеолошки судир со владата на ВМРО ДПМНЕ, но не знаеле да се продадат, не знаеле да отворат дуќанче од нивното секојдневно шетање низ скопските улици.
Оставените идеалисти мора да знаат некои факти: додека вие бевте вистински опозиционери вашите водачи добиваа по две просечни плати месечно за да пишуваат статуси на Фејсбук на кои вие ќе собирате гнев, добиваа илјадници евра од проекти преку невладини организации во кои не сработиле ништо, беа на платен список по медиуми блиски до СДСМ, што значи, за нивната „револуционерна“ борба пристигнувале средства од најмалку три страни, вие сте ги следеле за идеали. Денеска, откако успеа „револуцијата“, вашите водачи повторно примаат по две просечни плати месечно за на Фејсбук да пишуваат афирмативни статуси за новата влада, повторно добиваат огромни суми на име проекти од некои „невладино-владини“ организации, и можеби најдоброто, веќе се вработија во Владата на Заев од каде добиваат минимум 45.000 денари месечно.
Уште посмешно е што квазилевичарите, наследниците на црвените буржуи, преку владината организација „Цивил“ сега ќе ја „реформирале“ и ВМРО ДПМНЕ, или попластично, Владата предводена од СДСМ ќе ја „реформира“ опозициската ВМРО ДПМНЕ, ќе си правела опозиција по своја мерка.
„Револуцијата“ секогаш ги јадела своите деца, потврдено. За живот, за функции.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top