| четврток, 6 декември 2018 |

Кај Омиш пламна голем пожар, се шири кон Сплит

Голем пожар избувна ноќеска по полноќ во местото Тугаре кај Омиш и веднаш се прошири кон Срињине во правец на Сплит, поради што е прекинат сообраќајот на патниот правец Срињине – Ситно Доње, соопшти сплитската полиција.

Како што јави Фена, сплитските пожарникари пријавата за пожарот ја добиле 42 минути по полноќ.

Во гасењето на пожарот учествуваат сите доброволни противпожарни друштва од подрачјата на Сплит, Солин, Каштелите, Трогир и Омиш, со 32 возила и 109 пожарникари.

Запалена е борова и ниско стеблеста шума и трева. Иако е побарана помош од воздух, поради силниот ветар што со денови дува во овој регион, „канадерите“ сè уште не можат да полетаат.

Нема информации за поврдени лица, ниту за материјална штета, а на местото на пожарот се наоѓа и екипа на Итната медицинска помош. Огнот е причина за исклучување на далноводите Закучац-Коњско и Закучац-Билице.

Половина час по овој пожар, пожар  избувна и во местото Богомоље на Хвар, каде што гори густа борова шума. Овој пожар го гасат сите три доброволни противпожарни друштва од островот, а им помагаат и воздухопловните сили.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top