Роџер Федерер и Венус Вилијамс уште еднаш само го повторуваат непишаното правило дека возраста нема преголемо влијание кога станува збор за врвен квалитет, па швајцарскиот ас и американската тенисерка во овогодинешното издание на Вимблдон играат како во своите најдобри денови.
Федерер денеска го игра својот полуфинален дуел со Бердих, но Швајцарецот важи за голем фаворит за трофејот откако во последните денови елиминирани беа Надал, Мареј и Ѓоковиќ. Што се однесува до Венус, таа вчера стигна до финалето во женска конкуренција, каде утре против Мугуруза ќе игра за својот шести трофеј на Вимблдон.
Интересно, пред точно десет години токму Федерер и Венус Вилијамс се закитија со трофеите на Вимблдон. Тогаш Швајцарецот во големото финале по огромна битка го совлада Рафаел Надал со 3-2 во сетови, додека Вилијамс беше подобра од Марион Бартоли, славејќи со 6-4, 6-1. Федерер и Вилијамс беа најдобри на британскиот гранслем и две години претходно, кога во 2005 швајцарскиот тенисер стигна до трофејот со победата над Енди Родик од 3-0 во сетови, додека Венус по епска битка ја совлада сонародничката Линдзи Девенпорт, добивајќи го решавачкиот сет со 9-7 во гејмови.
За историјата да се повтори неопходни се уште три победи (две на Федерер, една на Вилијамс), со што двајцата би станале убедливо највозрасната двојка на победници на Вимблдон во една година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.