| четврток, 6 декември 2018 |

Соседите ќе ни ја кројат судбината, Заев конструктивно молчи

Да беше ВМРО-ДПМНЕ на власт во ситуација во којашто сега е владата на СДСМ, игнорирана, непоканета и навредена на мини балканскиот самит што без нас се одржа вчера во Солун, за голем дел од сегашните провладини медиуми тоа ќе беше поради изолацијата Груевски и режимот кој создава непријатели од сите, па и од соседите. Но, ВМРО-ДПМНЕ веќе не е на власт и овие тези се застарени, според новите позитивистички теории владата на СДСМ не е повикана во Солун, затоа што веќе нема отворени прашања со соседите. Сега премиерот и министрите се занимаваат со големи работи како состанокот во Трст, на кој треба да се роди нова царинска унија на Балканот, којашто ќе донесе 6% раст на економијата и затоа во Солун одат само тие што не разбираат политика и економија

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Сепак, не е време за шеги. Освен ако не се работи за состанок во Солун на којшто под притисок на САД Србија, Бугарија и Грција ќе се откажат од територијалните и други претензии кон Македонија секое друго сценарио е катастрофално за земјата. Соседите кои во минатото сто пати докажале дека немаат искрени, барем добри искрени намери, сега повторно ги враќаат сеништата од минатото, и тоа токму во моменти кога цела Европа е егзалтирана од позитивните пораки што новата влада ги испраќа до своите соседи. Во време кога вселената се расцвета од позитивизмот што Македонија го сее на Балканот и пошироко.

Да повториме, ако состанокот во Солун не е организиран од Вашингтон и на него не треба да падне договор соседите да прекинат со провокации и да помогнат Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ и заедно со Србија, Бугарија, Грција, Косово и Албанија да ги гради односите во регионот и во Европа, црно ни се пишува.

Состанок на кој Македонија без нејзини претставници таму, е тема на луѓето чии земји имаат проблем со нашата нација, јазик, историја, територија и црква е вовед во црно сценарио. Дури и ако тројцата балкански лидери за Македонија разговараат во контекст на албанското прашање, не е добро за нас. Македонија не смее да дозволи за неа да се разговара во друга држава и најостро треба да реагира, освен ако некоја од големите сили не порачала Заев и владата да седат мадро и да ги остават тројцата лидери да се договорат како ќе ги спроведат насоките дадени од Стејт департментот.

Во моментот кога овој текст е даден на печатење нема абер од покана за Македонија. Не е исклучено откако светот ќе разбере каков гаф е направен со мини самитот, американскиот амбасадор во Скопје да го фати премиерот Заев за рака и да го однесе кај другарчињата во Солун. Сепак, и такво дипломатско сценарио во кое САД како сила која ги контролира односите во регионот ќе наложи да биде поканет и Заев, не може да го спречи срамот што Македонија е изоставена од дебатата за состојбите во неа.
И САД и сите земји-учеснички знаат дека ваквите состаноци веднаш асоцираат на средбата Милошевиќ – Мицотакис во 1992 година, на којашто српскиот Вожд понудил поделба на Македонија и затоа никој нормален не смеел да помисли да биде организирана без Македонија.

Состанокот се случува нецел месец откако шефот на дипломатијата Никола Димитров замина во Атина, а во Софија беше заедно со премиерот Заев. Се случува во време во кое Дачиќ како министер за надворешни работи на Србија повторно зажали што како ученик на Милошевиќ во 1995 г. не нѐ признал под референцата од ОН – ФИРОМ и во време во кое Европа очекува нов бегалски бран кој мора да мине преку македонска територија.

Зошто Македонија не е повикана ниту некој кажа ниту некој праша. За мини самитот кој трите земји имаат легитимно право да го организираат дознавме од Дачиќ откако тој повторно ја испеа својата тажачка за Македонија која во неговите соништа ја гледа како ФИРОМ. Борисов, Ципрас и Вучиќ, (на српската премиерка Брнабиќ како жена и лезбијка веројатно не ѝ е место меѓу балканските мажишта) имаат право да се среќаваат да разговараат, да пијат, да пушат, но немаат право да закажуваат разговор за Македонија.

Ова навредливо сценарио е, пред сѐ, атак на премиерот Заев, кој лично со Борисов се виде, а со Ципрас разговараше по телефон и најави подобри односи со двете земји. Со Вучиќ си простија во Брисел кај Могерини и затоа е чудно што тој не е повикан во Солун. Ако ништо друго, барем да каже што мисли за својата земја, за која во негово отсуство ќе дебатираат тројцата балкански лидери. Ако ништо друго, барем по трилатералката да ни кажат што заклучиле и што судбина ни одредиле. До толку барем заслуживме со позитивната и конструктивна атмосфера за која нѐ пофалија од Лисабон до Кавказ, од Осло до Анкара.

 

Има и други теми освен Македонија

Освен Македонија тројцата балкански лидери имаат и други заеднички теми, бегалците, гасоводите, нафтоводите, пловен Вардар, кинеската железница, Коридорите 8 и 10, приватизираното Солунско пристаниште и ред други теми, кои, како и да свртиш, се поврзани со Македонија и географски и политички и административно и територијално. Затоа ќе биде многу интересно да се слушне објаснувањето зошто Македонија не била повикана во Солун. Освен ако, сепак, во последен момент некому во Вашингтон или Брисел не му текне дека отсуството на Заев и на Еди Рама е голем дипломатски скандал кој може да предизвика реакции штетни и за регионот и за ЕУ и за НАТО, а најмногу за лидерите на земјите што не се поканети.

(Текст објавен во 254. број на неделникот Република, 14.7.2017)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top