| четврток, 6 декември 2018 |

Претставата „Деветка“ од Гоце Ристовски утре на „Скопско лето“

Утре вечер во рамките на „Скопско лето“ на малата сцена во Македонскиот народен театар ќе биде одиграна претставата „Деветка“ од Гоце Ристовски. Режијата е на Богдан Јанковиќ, во продукција на Културен центар Нови Сад и „Театар 34“-Србија.

-Голема чест е премиера во Нови Сад. Ми се посреќи театарска дефлорација на сцената на Културниот центар во овој прекрасен град со долга и богата културна традиција, своевидна театарска престолнина. Според мене голема привилегија за секој писател е да се доживее светска праизведба, како што се вели, на свое драмско дело во градот во кој функционираат престижните театарски фестивали „Стеријно позорје“ и ИНФАНТ, кои имаат големо влијание во поширокиот регион на Балканот и Европа, во средина со развиена издавачка дејност поврзана со најновите театарски струења, каде успешно функционираат повеќе институционални театри и алтернативни театарски сцени, во град во кој големи театарски имиња, бројни актери, режисери, драмски автори… оставиле длабоки траги во театарскиот живот ширум светските меридијани, во градот во кој е надалеку прочуената театарска академија на која првиот час го одржал Питер Брук и на која своите знаења ги стекнале многу денешни театарски магови од сите страни на Балканот и меѓу нив повеќе знаменити имиња во македонскиот театар и филм. Во овој важен културен центар низ вековите, во кој почнал со работа првиот професионален театар кај Јужните Словени, во градот на Јован Јовановиќ – Змај, Милева Мариќ -Ајнштајн, Ѓура Јакшиќ, Лаза Костиќ, Мирослав Антиќ, Бора Драшковиќ, Јаника Балаж, Александар Тишма, Зоран Гаши, Јован Зивлак, Симон Грабовац, таа неизмерна редица на големи уметници, научници до моите драги Богдан Јанковиќ, Соња Младенов Лештар, Лазар Јованов, Невена Вујасиновиќ, Ладислав Селеши, Елза Вулетиќ и Наташа Тополац  кои мојот сон го направија стварност имав причини да се чувствувам достоинствено.

Драмскиот текст во книга го објавив во 2014-та година и според сопствената судбина довтасал во Нови Сад и се нашол во рацете на режисерот Богдан Јанковиќ. Чудесни се патиштата на книгата. Објавеното дело стекнува свој идентитет и неговата судбина поначесто е независна од стремежите на авторот. Секогаш постојат повеќе причини едно драмско дело да оживее на некоја сцена.

Еднаш во сон, во некој сон, нечиј новосадски сон, сон од милоште а не од пркост, сум бил во чамец на брегот на река, пушејќи сум објаснувал зашто за човекот не е суштински важно да се отисне во водата. Знам дека тоа беше на Дунав, во Нови Сад, што веќе го засакав како свој роден крај бидејќи од тука тргнувам по нов пат, во нов сон. Се надевам дека барем симболично ќе станам новосаѓанин, па некако да се „изедначам“ со стаменитиот писател и фасцинантен сликар Зоран Гаши, кој живее во Нови Сад, инаку роден во Скопје, градот во кој живеам.

Да, на Нови Сад му дадов 9-ка, а за возврат добив чиста 10-ка!, вели Гоце Ристевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top