Македонскиот репрезентативец Љубомир Младеновски речиси сигурно нема да биде во составот на МЗТ Скопје Аеродром за новата сезона, откако не ја прифати понудата на шесткратниот шампион за продолжување на досегашната соработка.
Високиот центар, кој изминативе четири години го носеше сино-белиот дрес, има желба да се проба во странство поради што реши да си замине од „Јане Сандански“ и покрај големиот интерес на нашиот клуб да го задржи во своите редови. Управата на „металците“ стори сѐ за да го обнови договорот со популарниот Бубе, нудејќи му одлични финансиски услови како и ставајќи му ја на располагање целата клупска инфраструктура и тренерски кадар потребен за напредување , но пресуди неговата решителност да се проба надвор од Македонија.
Без разлика на сегашната негова одлука, вратите од МЗТ Скопје Аеродром секогаш ќе бидат отворено за Младеновски, дали во продолжение од сезоната која претстои или, пак, во некоја подалечна иднина. Челниците на клубот му се заблагодаруваат на сѐ што направи за екипата од Аеродром и му посакуваат блескава интернационална кариера.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.