| четврток, 6 декември 2018 |

Единствен доказ за „Титаник“ е изјава на Заев

-Единствениот доказ или сведочење што го имаат против мене во случајот „Титаник“ за изборни измами е една изјава на Зоран Заев дека наводно се случиле изборни нерегуларности во 2013. година, за што подоцна се покажа дека не било вистина и толку- изјави претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски во „Отвореното студио“ на Телевизија Нова. Тој појасни дека станува збор за обид врз него да се стави секоја евентуална вина, доколку таква и постои, затоа што тој како лидер на партијата, наводно требало да знае се што прави секој член на партијата, појасни тој.

Што се однесува до аферата со наводно неправилно издадени лични карти за луѓе од Пустец, Груевски појасни дека законски нема ништо спорно во тоа што тие граѓани учествувале на изборите.

-Што се однесува до личните карти, станува збор за луѓе што на законски начин добиле државјанство. Тоа се луѓе што живеат во Република Албанија што се по потекло од Македонија и никој не го спори тоа зошто тие добиле државјанство. Го спорат начинот на кој тие стекнале живеалиште. Тоа им е неопходно за да остварат некои свои права како граѓани, им треба живеалиште односно адреса, но и не мора да живеат во Македонија. Вие не мора да живеете на таа адреса, вие може да добиете адреса кај ваш пријател, кој ќе потврди дека ви овозможува живеалиште на таа адреса. Сосема е законски да има поголем број луѓе пријавени на иста адреса, и тоа не само во Македонија, туку во најголем дел од Европа. Единствениот проблем е што само мал дел од тие луѓе немале склучено соодветен договор за тоа живеалиште. И сега, поради тие неколку договори ме товарат мене, половина од раководството на ВМРО ДПМНЕ, неколку министри, секретари на партијата и слично- вели Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top